Адвокатот Александар Тортевски, кој своевремено извесен период беше ангажиран како советник на некогашното Специјално јавно обвинителство, смета дека поранешните специјални обвинители треба да останат ангажирани на предметите кои почнале да ги водат додека постоеше СЈО.
Во вчерашното гостување на Телевизија 24, Тортевски рече дека никому не треба да му биде проблем што вработените во некогашното СЈО „ќе се вдомат“, бидејќи тие луѓе своевремено си ја ставале главата во торба.
Тој откри и за тетратката која беше пронајдена, а која ја пополнувал поранешен вработен во ДБК.
„Во таа тетратка беше точно наведено и запишано кој од СЈО кога влегол, кога излегол, каде отишол, со кого се сретнал, со кого и каде ручал, буквално им се следел секој чекор на тие луѓе. Тоа беше за време додека се уште владееше ВМРО-ДПМНЕ. Многу е непријатно да дознаете дека така сте биле следени“, рече Тортевски.