Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ не одлучи да го напушти Собранието на синоќешната седница, на која, како што се вели во партиското соопштение, расправале за актуелната општествено политичка состојба и подготовката на партијата околу предвремените парламентарни избори.
Претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски претходно вчера изјави дека не гледа повеќе потреба од учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и најави дека на Извршен комитет ќе разговараат на оваа тема и јавноста ќе биде навреме информирана за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштените не се споменува напуштање на Собранието, единствено дека 12 април е денот кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори.
„ИК на ВМРО ДПМНЕ смета дека државата не смее да биде заложник на личните интереси на поединци на Власта како и стравот од одговорност на оние кои се огрешиле пред законот. 12 април е денот кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев. Избори на 12 април, а потоа одговорност за криминалот, корупцијата, срамот и понижувањата. ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата, беше заклучено на седницата на ИК“, се вели во соопштението.
Претседателот на Собранието Талат Џафери пред три дена рече дека 16 април е последниот ден кога може да се распушти Собранието за да може Државната изборна комисија соодветно да се подготви за парламентарните избори на 12 април. Претходно, Џафери најави дека Собранието ќе се распушти на 12 февруари.
ВМРО-ДПМНЕ имаше поднесено иницијатива за распуштање на Собранието на 12 февруари, но Џафери не закажа седница.
Извор: Сакам да кажам