Дојран и Дојранското езеро се бисерот на македонскиот југ и Дојран како и секоја друга општина го заслужува и го добива „Најдоброто”, истакна претседателот на СДСМ при денешната посета на Дојран.

„Најдоброто за Дојран е Анго Ангов и неговата Програма која нуди развој на сите населени места во оваа општина.

Четири години како централна и локална власт работевме посветено да го унапредиме квалитетот на живот во Дојран и да го унапредиме туризмот, најзначајната стопанска гранка за оваа општина. Тоа ќе продолжиме да го правиме и во следниот период“, посочи Заев.

Заев нагласи дека туристичката понуда во Дојран ја збогатуваат со капитален проект, со формирање и развој на автокамп „Николиќ”.

„Езерското крајбрежје во Николиќ и неговата околина одамна се познати по убавите плажи кои во минатото биле меѓу најпосетените места во Дојран. Време е да го вратиме тој сјај, преку формирање на авто-камп и кампинг зона за туристите.
Ова за Дојран ќе значи повеќе туристи, нови инвестиции, нови работни места за жителите од околните населени места и секако сериозен поттик на локалниот економски развој.

Затоа на 17 октомври да дадеме поддршка за „Најдоброто”, да гласаме за Анго Ангов и советничката листа на СДСМ, да гласаме за број 12 за да продолжи напредокот, да продолжи развојот на Дојран“, потенцираше Заев.