Нема да потклекнеме на ниту една блокада. Здравството е еден од клучните ресори во секоја земја и ние ќе продолжиме да го третираме со должна почит, порача денеска лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на 26. Конгрес на партијата кој поради пандемијата се одржува онлајн.

– Додека ние помагавме да се заштити здравјето и да се спасат човечки животи, ВМРО-ДПМНЕ го поткопуваа здравствениот систем. Додека ние помагавме да се спасат работните места, да се обезбеди поддршка за граѓаните и фирмите, тие го блокираа Собранието, рече Заев во своето обраќање.

Најави дека во новото раководство на партијата ќе има повеќе здравствени работници, а на ниво на држава ќе продолжат инвестициите во здравствениот сектор, како и трендот на зголемување на платите на здравствените работници кои до 2024 година се очекува да бидат повисоки за 40 проценти.

Оцени дека со навремени мерки реагирано е во делот на пандемијата и добро е тоа што се намалува бројот на нови случаи, а во тек е и масовната имунизација на населението. Пандемијата, како што посочи, нанела сериозни последици и врз економијата, но со ефикасните и навремени мерки преземени од страна на Владата, увлажени се последиците врз економските текови во земјава.

– Со економските пакет мерки успеавме да сочуваме повеќе од 100.000 работни места. Помогнавме по разни основи над 400.000 граѓани и над 35.000 компании. Над 65 милјарди денари директно се вбризгани во домаќинствата и во компаниите, подвлече Заев.

Посочи дека е реализиран и концептот „Парите назад кај граѓаните“ кој е првиот успех на СДСМ, но и првата суштинска разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Парите, како што рече, се насочени кон проекти за граѓаните, а не кон барок и споменици.

– Го реализиравме концептот „Парите назад кај граѓаните“ ја зголемивме минималната плата од 9.000 на 14.500 денари, а денес таа изнесува 15.200 денари. Платите почнаа да растат во сите сектори, просечната плата константно расте до денеска и стигна до над 28.000 денари. Ги покачивме пензиите, ја зголемивме социјалната помош за 300 проценти, го решивме проблемот со стечајците, а невработеноста ја намаливме на рекордно најниски стапки од независноста до сега. Земјоделието и земјоделците ги поддржавме со рекордно највисоки 429 милиони евра. Немало подобри откупни цени и немало повисоки субвенции до сега. Ја укинавме радиодифузната такса, воведовме евтина дневна тарифа на струјата и поврат на дел од ДДВто за физички лица, рече Заев.

Во делот на правдата и правната сигурност, истакна дека во изминатиот период се посветиле на градење на силна и независна правна држава која испорачува владеење на правото подеднакво за сите.

– Нема веќе недопирливи. Дојдовме до точка да ги заокружиме суштинскитре реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. На браникот на криминалот, како што самите си признаваат стоеше целото раководство на опизицијата. Сепак, Законот за јавното обвинителство го донесовме во Собранието. Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници, порача Заев на денешниот конгрес на партијата.