Универзитетската професорка и поранешен кандидат за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова и оперскиот пејач Игор Дурловски се двете натпартиски решенија кои ќе бидат носители на пратенички листи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на претстојните предвремени парламентарни избори.
Силјановска, која цврсто застана против Законот за употребата на јазиците и Преспанскиот договор кој за неа „покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да ѝ се мешаат дрско во внатрешните прашања“, на спротивната страна ќе го има шефот на дипломатијата Никола Димитров кој, исто така, е натпартиски член, потписник на Договорот од Преспа.
Тој е на чело на Министерството за надворешни работи од формирањето на владата на Зоран Заев од 1 јуни 2017 година и во изминатите две и пол години како министер се фокусираше на деблокада на евроатлантските интеграции на земјава. Нивниот „натпартиски дуел“ во „единицата“, практично, ги исцртува кординатите на судирот на двата концепта, како своевидна срцевина на претстојните парламентарни избори. Двајцата веќе имаа отворена меѓусебна конфронтација во времето на претседателската кампања, кога Димитров, меѓудругото, забележа дека „за да се разбере нејзиниот предизборен слоган „Правда за Македонија“ треба „да се употреби нивниот специјален речник“.
„Правда значи неказнивост, а Македонија значи партијата. Слоганот всушност е „Неказнивост за партијата”, реагираше тогаш Димитров, додавајќи дека „изборот меѓу Пендаровски и Силајновска нема да биде особено тежок“.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, основата на судирот на овие избори ќе биде Преспанскиот договор, компромисот за името и иднината на државата – членството во НАТО и интеграција во ЕУ.
„Се друго е во рамките на, ако така може да се каже, изборниот политички фолклор. Граѓаните сега ќе треба да одлучат дали државата ќе продолжи да се движи на патот кон ЕУ и НАТО кој го трасираше СДСМ или ќе прифатат поинакви политики. И суштината на тој судир можеби најјасно се рефрлектира преку носителите во изборната единица број еден – Димитров и Силјановска“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски за НОВА ТВ.
Пратеникот во првите два парламентарни состава од редовите на ПДП, Насер Зибери, нагласува дека првата изборна единица секогаш била силен симболички и практичен лакмус за тоа каков би можел да биде конечниот исход на изборното соочување. На последните парламентарни избори СДСМ и коалицијата ја остварија единствената победа токму во „единицата“. Таа изнесуваше околу 20.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ освои над 72.000 гласа и осум пратенички места, а политичкиот ривал над 92.000 гласа и десет пратеници во парламентот.
„Помалку неочекувано е што и двете партии номинаараа натпартиски кандидати, кои, сепак, веќе застанаа зад промовираните политики на политичките субјекти кои ги номинираа. Димитров е еден од неколкуте високи функционери врз кои падна товарот на интегративниот процес, кој несомнено не можеше да се случи без промената на името. Ставовите на Силјановска, пак, можеше да ги слушнеме во нејзината кампања за претседател и тие во суштина не отстапуваа од оние на партијата. Во секој случај ќе биде интересно да се види реакцијата на граѓаните. Дали тие ќе дадат поддршка за направеното од сегашното парламентарно мнозинство, со цел идното да го заокружи процесот на евроинтеграциите или, пак ќе сакаат промена во политиките и правецот во кој се движиме“, вели Зибери.
Веднаш зад Силјановска и Димитров во битката за пратеничко место се вицепремиерката за економски прашања, доскорешна министерка за труд и социјала Мила Царовска, заслужна за низа реформи во овој сектор, а од спротивната страна е исклучително експонираниот во последниот период Тимчо Муцунски, кој ја извршува функцијата советник за меѓународна политика. Во јавноста стана познат и како дел од тимот на ВМРО-ДПМНЕ кој преговараше за Законот за јавно обвинителство, кој на крајот не беше поддржан од опозицијата.
Поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски во ИЕ 2 за политички противник ќе го има актуелниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој ќе бидат засилен со актуелната директорка на УЈП, Сања Лукаревска, која брзо стана препознатлива во јавноста особено со мерката МојДДВ. Мисајловски, пак, покрај себе ќе ја има разрешената министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи, која тврдокорно го дразнеше партиското патриотско членство, фрлајќи „диверзантски зарови“ со таблата со старото име на државата.
Во „тројката“ ќе се судрат генералните секретари на партиите Игор Јанушев и Љупчо Николовски. Во оваа изборна единица ВМРО-ДПМНЕ ја оствари најубедливата разлика на последните парламентарни избори. Опозицијата тука освои над 100.000 гласа и дури 11 пратенички места, додека СДСМ забележа на своето конто над 80.000 гласа кои му донесоа девет пратеника.
Целиот текст на НОВА ТВ.