Човек на човека волк!

Здружението на приватните лекари, на чело со д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, преку нивен адвокат до Уставен суд поднело иницијатива за преиспитување на одлуката со која се наградуваат здравствените работници во јавното здравство кои се борат со ковид-19.

Ова се случува кога медицината ќе се измеша со политика, а главна цел е нормално да се создаде незадоволство кај оние во првите борбени редови, а со тоа и хаос во целиот систем. А и тајмингот очигледно не е случаен?!

Кој досега и забранил на незаменливата Чолакова-Дервишова наместо да тера партиски агенди на ВМРО-ДПМНЕ, да се бори за правата на матичните лекари. Нека се пофали со своите достигнувања и како тоа го унапреди примарното здравство за сите овие години, освен што од партиски симпатизер еволуирала во партиски активист.

Д-р Чолакова-Дервишова во ек на пандемијата со коронавирусот во неколку прилики изјави дека коронавирусите отсекогаш постоеле и дека не треба некој посебен третман поразличен од другите вирусни заболувања, а дека властите тенденциозно шират паника за други цели. На тоа тогаш реагираше и проф. Драган Даниловски, епидемиолог, кој изјави дека е скандалозно кога доктор покажува незнаење и шири невистини, а со тоа ги минимизира опасностите и ги наведува граѓаните на ризик.

Истата оваа лекарка во неколку наврати ја шокираше јавноста со своите чудни изјави во ек на пандемија, како таа од типот дека здравствените власти намерно креваат паника околу ковид-19 за да може да се покрие напливот на мигранти. Не личи на ВМРО-ДПМНЕ воопшто, нели?!

На сето ова се поставува само едно прашање.

Како д-р Чолакова-Дервишова, која ја негира опасноста на коронавирусот и смета дека сите паники се неосновани, сега се чувствува најпогодена и најизнамачена? Како ставате равенство помеѓу вас и лекарите на инфективните одделенија кои работеа по 3 смени во полна воена опрема?! Тие не си одеа дома бидејќи таквите како вас ширеа невистини дека вирусот не постои. И сега дојде ден пред суд да ја оспорувате одлуката за нивна награда?!

Матичните лекари заслужуваат многу повеќе од вас? Заслужуваат некој кој ќе се бори за нив, но притоа не газејќи на најбрутален начин по туѓата мака и пот. Вас никој досега не ве спречи да направите стратегија и да ги барате правата на матичните лекари. Ама кај вас изгледа политиката ја надвладеала медицината, човечноста, етиката и хуманоста.