Има една чудна појава во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а е присутна и мошне забележлива кај сите нејзини истурени членови, а веројатно и кај оние неистурените?! Сите ги обединува несовладливата желба да се претстават како големи спасители на нацијата, сочувствителни сограѓани, грижливи и скромни луѓе од народот, ама истовремено од нив извира една друга димензија, она што е внатрешно и вродено и не може да се сокрие, а тоа е желбата да ги истурат своите комплекси пред јавноста, на еден суптилен и лицемерен начин и да направат јасна и видлива дистинкција помеѓу себе и обичните смртници.

Па, така речиси секојдневно излегуваат на малите екрани и очајнички бараат спас за народот, критикуваат мерки, зборуваат сме го допреле дното, сиромаштијата ни тропа на врата…и тоа секогаш во брендирана облека. Една маичка, една минимална пензија. Толку за тоа! Да не зборуваме за тоа што донирала најбогатата политичка партија во Европа во време на криза, ама први се да критикуваат кога некој друг покажува солидарност затоа што тој концепт за нив изгледа е непознат?!

Мала демонстрација:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кон средината на месец април влезе во домашна самоизолација заради контакт со новинар позитивен на ковид-19. Медиумскиот простор кој тогаш го доби Мицкоски го искористи за ширење пораки на паника и сеење страв дека економските мерки на владата се лошо таргетирани, задоцнети и неквалитетни и заради тоа сите ќе трпиме за леб. Истовремено Мицкоски беше успешен и во промоцијата на скапи брендирани маички, скапи ИТ парчиња, луксузни часовници и сл. Каква порака пренесува некој кој зборува за сценарио на екстремна сиромаштија и истовремено секојдневно се појавува во скапа облека?! Вие ќе трпите, јас баш и не?!

Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, малку подоцна во истиот период се појави исто така во брендирана маичка, небаре за нив не постои обичен живот и обична гардероба, па имаат потреба така групно да му демонстрираат на народот што значи да се биде претендент за власт, а камоли со такви апетити да дојдат на власт.

Последна демонстрација на “скромниот” живот на партиските функционери на ВМРО -ДПМНЕ пред само некој ден ни претстави и генералниот секретар на партијата Игор Јанушев кој од домашна самоизолација дефилира низ телевизиските формати задолжително облечен во скапа и брендирана облека и секогаш, без исклучок, зборува колку е загрижен за здравствената и економската состојба во државата.

Тоа е тој скромен живот на вмровските функционери, нема тука лицемерие и желба за покажување на својата надменост, има само чиста љубов кон модата?!