Бурните политички случувања во земјава не се последица на самиот динамичен политички живот во рамките на нашите граници, туку се резултат и на непрестајната „хибридна војна“ против земјава, која засега главно е насочена кон Спасовски, преку кого се прават обиди да се сруши Заев и неговата влада, оценува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФЕМЕС во најновата анализа.
Како пример, ИФИМЕС наведува дека разузнавачките служби регистрирале и лоцирале преку 150 портали кои редовно и секојдневно фабрикуваат лажни вести.

„Поради тоа, не изненадуваат секојдневните афери, кои како на фабричка лента се продуцираат во Северна Македонија“, се вели во анализата.
Дури 4 засебни мрежи на Фејсбук страници објавувале содржини кои се објавувани на 10 интернет страници, а се поврзани со Adinamic Media, која е поврзана со унгарската
државна Magyar Televizo (MTV) – која му е наклонета на Орбан и неговата Фидеш, но и која, пишува ИФИМЕС, ги администрира веб сајтовите кои ја поддржуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Аналитичарите сметаат дека борбата против криминалот и корупцијата се прилика да се избегне дестабилизацијата на Република Северна Македонија на која интензивно работат одредени внатрешни и надворешни фактори. Русија интензивно работи на спречување на очекуваното признавање на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ-ОА). Меѓутоа, парадоксот е што клучните безбедносни предизвици и закани доаѓаат од државите членки на ЕУ и НАТО, чии лидери се тесно поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија и се наоѓа под непосредна заштита на Виктор Орбан и уште неколку премиери на ЕУ, кои главно доаѓаат од Европската народна партија (EPP)“, оценува понатаму ИФИМЕС.
„Се очекува дека ќе дојде до продуцирање на нови афери пред локалните избори кои ќе се одржат наесен во 2021 година. Поради тоа за актуелната влада е најважно да ги осигура мирот и стабилноста и просперитетот на земјата. Последните години имаше неколку обиди за изведување на државен удар, кои се спречени со навремена интервенција на Министерството за внатрешни работи и министерот Спасовски. Притоа, треба да се има во предвид дека државен удар не е можно да се изведе без поддршка и учество на странски фактор. Територијата на Северна Македонија е сцена на која се одвива ‘вистинска војна’ на десетина странски разузнавачки служби. Ќе продолжат нападите на министерот Спасовски и обидите за дискредитација со цел негова целосна елиминација од политичкиот живот, а со тоа и рушење на владата на Зоран Заев“, се вели во текстот.
Целата анализа на ИФЕМЕС.