Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со нова „брилијантна“ идеја. Тој на денешната прес-конференција (12 септември) најави дека на редовната седница на Собранието во вторник, ќе достави предлог за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Хасани.

Интересно, министерот Филипче и заменикот Хасани веќе ги депонираа своите оставки на функциите онаму каде што ги добија – кај премиерот Зоран Заев. Но Мицкоски, кој е „машинец“, па веројатно бил поучен од својата советничка екипа од правни „експерти“, поинаку ги разбира и толкува работите.

„Даваме рок до вторник рано претпладне Министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието на Република Македонија. Како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден“ – изјави Мицкоски, меѓу другото во своето долго експозе.

Универзитетскиот професор д-р Борче Давитковски за Фронтлајн вели дека тој може да поднесува барања, но дека оставките во секој случај се поднесуваат до мандатарот за составување на владата. Што значи дека премиерот е тој што ги прима и одлучува по нив, а не Собранието. Ако се поднесуваат оставките кај претседателот на Собранието, кој ќе предложи нови имиња?

„Ги измешаа лончињата“ – вели, меѓу другото, проф. Давитковски во краткиот разговор со нас. „Тоа е абецедата во политичката одговорност, тој што ја составува владата, тој може и да ги отповика членовите на Владата, да ги прифати или одбие понудените оставки. Тоа е идејата на парламентарната демократија.“

Со други зборови, владата ја составува мандатарот, според Уставот. Не може Собранието да ги одобрува, именува или отповикува министрите „на парче“.

Не е првпат Мицкоски и неговата екипа да покажат тотално непознавање на основните принципи на парламентарната демократија. Веројатно затоа што никогаш и не им било потребно таквото знаење, бидејќи не се залагаат за демократија. Доказ за тоа се 11-те години владеење од 2006 до 2016 година.

Но можат барем да се потрудат да не „тресат зелени“ во јавноста. Непријатно е за гледање.

Извор: Фронтлајн