Нобеловецот по хемија  и професор на Стенфорд универзитетот во САД, Мајкл Левит предвиде кога ќе се случи пикот на епидемијата во Кина и дека грипот ќе почне да стивнува.  Сега ги уверува и останатите: статистиката покажува дека вирусот почнува да слабее.
Нобеловецот Мајкл Левит, американско – британско – израелски биофизичар којшто предава структурна биологија на Стенфорд Универзитетот во САД и го поминува повеќето од своето време во Тел Авив, Израел, одеднаш стана најпопуларниот човек во Кина, нудејќи и на јавноста смирувачки тонови за време на пикот на коронавирусот во најнаселената земја на светот. Левит не откри лек или вакцина, туку само го направи она што најдобро го знае: ги пресмета бројките. Статистиката го доведе до заклучок дека спротивно на црните сценарија за глобалната пандемија на короната, проширувањето на вирусот набрзо ќе дојде до својот крај.
Неговите прогнози излегоа точни: бројот на нови случаи што се пријавуваат секојдневно почна да опаѓа на 7 февруари, а недела подоцна и стапката на смртност почна да паѓа.
Тој не е експерт за епидемиологија, но ги разбира пресметките и статистиката, вели Левит во интервјуто за calcalistech.com, израелски вебсајт за технологија. Сепак, иако верува дека пандемијата ќе почне да стивнува, Левит ја истакнува поддршката на сите превентивни и безбедносни мерки што се преземаат низ светот.
Левит доби Нобелова награда за хемија во 2013 година за “развојот на мултискаларни модели за комплексни хемиски системи“. Кога пандемијата букна, тој им пиша на своите пријатели во Кина за да им пружи поддршка.
„Кога ми одговорија, и опишаа колку комплексна е целата ситуација, си реков да погледнам подлабоко во бројките со надеж дека ќе дојдам до некој заклучок“, вели Левит.
„Стапката на заразени со вирусот во кинеската провинција Хубеи растеше за 30% дневно, што е застрашувачка статистика. Не сум стручњак за грип, но знам да анализирам бројки, а ова се нарекува експоненцијален раст. Со оваа стапка целиот свет би требало да се зарази за 90 дена“.
Но, тогаш трендот почнал да се менува. Кога Левит почнал да ги анализира податоците, на 1 февруари, Хубеи имала 1.800 нови случаи секој ден, и за 6 дена бројката се искачила до 4.700 болни. “И тогаш, на 7 февруари, бројот на нови заразени почна да паѓа линеарно и не застана. Една недела подоцна, истото се случи и со бројот на смртни случаи. Оваа драматична промена во кривата на прогресијата на болеста, овозможи подобра прогноза за тоа кога пандемијата ќе заврши. Врз основа на тоа,  заклучив дека ситуацијата генерално во Кина ќе се подобри за две недели. И навистина, сега има многу малку нови заразени секој ден“, објаснува Левит.
Левит ова го спореди со банкарска камата на вложени пари – ако првиот ден имате камата од 30% на вашите заштеди, следниот ден од 29%, и така да продолжи падот на каматата, на крајот, се разбира, нема да заработите баш многу.“
Пораките што неговите пријатели ги преведоа на кинески брзо почнаа да се шират во Кина и луѓето што сакаа да се уверат дека тој навистина ги напишал информациите што му се припишуваат, почнале да контактираат со Левит.
 Секој ден се пријавуваа нови бројки  од различни субјекти, како што е Светската здравствена организација (СЗО). Левит започна да испраќа редовни извештаи до своите кинески пријатели, а неговата популарност доведе до интервјуа на кинеската телевизија.  Врз основа на намалениот број на заразени  и смртни случаи, рече тој, вирусот најверојатно ќе исчезне од Кина до крајот на март.
 Првично, рече Левит, секој пациент од коронавирус во Кина инфицирал во просек по 2,2 луѓе на ден – ова е експоненцијален раст што води кон катастрофа. „Но, тогаш започна да опаѓа, а бројот на нови дневни инфекции сега е близу до нула“. Тој повторно го спореди со каматните стапки: „дури и ако каматната стапка продолжува да опаѓа, вие сепак заработувате пари. Сумата што ја вложивте не се намалува, туку само полека расте. Кога разговараат за болести, тоа ги плаши многу луѓето затоа што секој ден слушаат за нови случаи. Но, фактот дека стапката на инфекција се забавува значи дека крајот на пандемијата е близу.
 Постојат неколку причини за тоа, според Левит. „Во експоненцијални модели на раст, претпоставувате дека нови луѓе можат да бидат заразени секој ден, затоа што продолжувате да среќавате  нови луѓе секој ден. Но, ако го земете предвид вашиот сопствен социјален круг, во основа секојдневно среќавате исти луѓе. Можете да сретнете  нови луѓе на јавниот превоз, на пример; но дури и во автобусот, по некое време повеќето патници или ќе бидат заразени или имуни “.
 Друга причина зошто стапката на инфекција е забавена е поврзана со упатствата за физичко дистанцирање. „Не го гушкате секој човек што ќе го сретнете на улица, сега и ќе избегнете средба лице в лице со некој што има обична настинка, како што правиме сега сите“, рече Левит. „Колку повеќе се придржувате, толку повеќе можете да ја контролирате инфекцијата. Значи, во вакви околности, преносителот  ќе зарази само 1,5 лице на секои три дена и стапката ќе продолжи да опаѓа “.
 Карантинот прави разлика, според Левит, но има и други фактори што влијаат. „Знаеме дека Кина беше под скоро целосен карантин, луѓето излегуваа од дома само за да купат клучни продукти и избегнуваа контакт со другите. Во Вухан, кој имаше најголем број заразни случаи во провинцијата Хубеи, сите имаа шанса да се заразат, но само 3% го фатија“, објасни тој. „Дури и на Diamond Princess (крузерот  погоден од вирус), стапката на инфекција не достигна 20%“. Врз основа на овие статистики, рече Левит, тој заклучил дека многу луѓе се едноставно природно имуни на вирусот.
Експлозијата на случаи во Италија е загрижувачка, рече Левит, но тој проценува дека е резултат на поголем процент на постари лица отколку во Кина, Франција или Шпанија. „Покрај тоа, италијанската култура подразбира многу дружба, а Италијанците имаат многу богат социјален живот. Од овие причини, важно е да се држат настрана луѓето и да се спречат болните да стапат во контакт со здрави луѓе “.
Кина направи одлична работа и успеа да добие целосна контрола на вирусот, рече Левит. „Во моментов, јас сум најмногу загрижен за САД. Мора да изолираат што е можно повеќе луѓе за да купат време за подготовки. Во спротивно, може да заврши во ситуација кога 20.000 заразени лица ќе се упатат во најблиската болница во исто време и здравствениот систем ќе колабира “.
Левит избегнува да прави глобални прогнози. Во Кина, рече тој, бројот на нови инфекции наскоро ќе достигне нула, а Јужна Кореја ја помина точката на медијана и веќе може да го види крајот. Што се однесува до остатокот од светот, сè уште е тешко да се каже, рече тој. Ќе заврши кога сите што се болни ќе сретнат само луѓе што веќе ги заразиле. Целта не е да се достигне ситуацијата со крузерот.
Princess Diamond беше најлошото сценарио, според Левит. „Ако го споредите бродот со земја – зборуваме за ситуација иста како да ставите 250.000 луѓе на еден квадратен километар, што е ужасно многу. Тоа е четири пати повеќе од гужвата во Хонг Конг, на пример.  Покрај тоа, рече тој, бродот имал централен систем за климатизација и греење и заедничка трпезарија. „Овие се екстремно погодни услови за вирус и сепак, само 20% биле заразени. Тоа е многу, но е прилично слично на стапката на инфекција од  обичниот грип “.
Како и со обичниот грип, повеќето од оние кои умираат како резултат на коронавирус се стари над 70 години, рече Левит. „Познат е фактот дека грипот најмногу ги убива постарите лица – околу три четвртини од морталитетите од грип се луѓе над 65 години.“ Ако направиме пропорција: „има години кога грипот беснее, како во САД во 2017 година, кога имаше трипати повеќе од вообичаениот број на смртни случаи. И, сепак, не паничевме. Тоа е мојата порака: треба да мислите на короната како еден сериозен грип. Тој е четири до осум пати посилен од обичниот грип, но сепак, повеќето луѓе ќе останат здрави и човештвото ќе преживее “.

Извор: Капитал