Време за нова политичка опција има, простор има, потреба има. Прашање е само дали ќе има и добра и сериозна понуда. Ако не се појави, јасно е дека една од нив – ВМРО или СДСМ – ќе биде власт. За ДВ пишува Никола Тодоров.
Интересни анализи овозможи анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС) за македонската политичка сцена. Кај нас по правило партијата која води, ја признава анкетата за точна, а партијата која губи ја смета за наместена и нарачана. Така било и така е, па така овие организации (МЦМС и ИДСЦС) едно време биле во функција на едната или другата партија. Нормално, не верувам ниту дека биле во функција на СДСМ, ниту на ВМРО, туку само биле жртва на партиските пропагандни машинерии и на огромната потреба на партиите да победат на изборите. Ова од причина што кај нас, да потсетам, изборите се битка на живот и смрт. За жал, непризнавањето на анкетите, понекогаш води и кон непризнавање на изборните резултати потоа. Така е тоа во нашата чудесна земја, тој што губи никогаш не е виновен за поразот, туку секогаш е некој друг. Во спортот обично судиите нѐ мразат, а во политиката причини се наоѓаат уште полесно. Никогаш поразот или грешката не е научена лекција. Замислете, партијата што ќе загуби да излезе, да честита и да се обиде поразот да го искористи за свое подобрување. Каква држава и каква демократија би било тоа! Ама нема. Кај нас сѐ мачо политичари кои дрмаат и непопустливо нѐ туркаат во разно-разни конфликти и поделби за нивни цели. Мачо ендемски вид на македонски политичар.
Шлаканица за партиите
Но, да се вратиме на темата – анкетата на МЦМС и ИДСЦС. За да не ме втурнат во партиските вртлози, нема да коментирам дали е точен резултатот за тоа кој води на анкетата и целосно ќе се апстрахирам од анализа на тој сегмент од анкетата, иако имам свој став и за тоа прашање. Сакам да се фокусирам на еден друг сегмент на анкетата кој се однесува на потребата од основање нов, сериозен политички субјект на македонската политичка сцена. Велам сериозен, затоа што видовме дека многу обиди имаше за ова во последниве две-три години, но и последните месеци, а сепак сѐ уште граѓаните не гледаат нов политички субјект во државава. А бараат. Бараат нов политички субјект неверојатни 51.9% од граѓаните, за разлика од 40.1% од граѓаните кои сметаат дека таков нов политички субјект не е потребен. Ова, преведено, значи дека сите партии на купче да се соберат, сосе сите нивни членови, поддржувачи и гласачи, се значително помалку од оние кои сметаат дека треба да се појави нов политички субјект различен од сите постојни. Ова е најголемиот шамар, една убава врела шлаканица директно во лицето на сите политички партии, удрена не од кој било, туку од македонските граѓани. Со други зборови граѓаните им порачаа на сите постојни партии дека се неспособни, неинвентивни, некорисни за државата, со повеќе мани и слабости од предности и доблести, со слаби лидери и лоши програми. И нормално, сите партии овој сегмент од анкетата сложно си го премолчеа. Нели, што би рекол народот, врана на врана очи не копа. Па што поинаку да се очекува од овие познати мачо политичари кои тука ни се продаваат како да се најважни луѓе во светската политика, а всушност кога случајно во ходник, на поминување ќе се сретнат со некој светски политичар и ќе го замолат да направат една фотка, тоа дома се продава како врвно признание од светските лидери за нивната политичка работа и ангажман во државава. Поразително.
Истражувачите од МЦМС и ИДСЦС отишле и подлабоко во истражувањето, па кростабулациите покажале дека 72,1% од оние кои одговориле дека би гласале за СДСМ сметаат оти нема потреба од нова политичка партија во Македонија, а по нив се оние кои би гласале за ДУИ од кои 56,8% одговориле негативно на ова прашање. Чудно е што воопшто не го навеле тука податокот за тоа колку од тие што би гласале за ВМРО сметаат дека нема потреба од нова политичка партија, а колку сметаат дека има. Претпоставувам дека процентот на тие кои се гласачи на ВМРО, а кои сметаа дека не треба да има нова политичка опција е помал дури и од тие што би гласале за ДУИ, односно помал од 56.8%, што е сериозно лош податок за ВМРО и за тоа што традиционалните десни гласачи сметаат за политиката, реториката и тимот на оваа партија. За волја на вистината ниту СДСМ не се поарни, бидејќи околу 1/3 од нивните гласачи се незадоволни од нив и сметаат дека треба да се појави нова политичка партија. Да бидеш владејачка партија, а 1/3 од твоите поддржувачи да се надеваат дека до изборите ќе се појави нова партија, е навистина поразителен податок и факт кој треба сериозно да ги замисли. Кај ДУИ проблемот е уште поголем, особено што ДУИ, со мал прекин, е на власт од 2002 година.
Со Казахстан и Киргистан…
Навидум неповрзано со ова, но по мене и тоа како поврзано, е податокот од анкетата дека 32.7% од оние кои би гласале за ВМРО, како алтернатива ја гледаат Евроазиската унија. Во бројки ова би значело дека ако околу 390 илјади гласачи гласаат за ВМРО на следните избори, околу 130 илјади гласачи сметаат дека наместо во ЕУ, иднината треба да си ја бараме во Евроазиската унија. Ова значи дека наместо сојузници и партнери да ни бидат Германија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија и.т.н., партнери и сојузници да ни бидат Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан. Ова е многу опасен податок за гласачкото тело на најголемата опозициска партија, кој, по мене, ги одвраќа сите оние кои не се членови, туку се само поддржувачи на партијата, а кои се прозападно ориентирани. Веројатно и затоа околу половина од тие што би гласале за ВМРО сметаат дека треба да се појави нова политичка опција. Ова треба да запали црвен аларм кај раководството на партијата, без разлика што сме на неколку месеци пред предвремените парламентарни избори и да ја промени стратегијата „сите зрна во амбарот“ со стратегија која во „амбарот“ ќе ги прибере само оние кои вистински ги подржуваат стратешките определби на партијата која се оформи со цел да се бори против комунизмот чиј главен светски протагонист беше токму Русија.