Сега конечно на сите ни е јасно зошто толку долго ја чекавме фамозната програма на ВМРО-ДПМНЕ?! Очигледно во партијата бил направен сериозен бреинсторминг за да на крај го смислат тоа “оригинално” име на програмата – ОБНОВА и тоа во 1000 чекори?! Па згора на тоа и “Не забораваме!”?! ВМРО-ДПМНЕ и да сакале да смислат посоодветно име за нивната програма, не можеле, бидејќи ОБНОВА е погодок право во центарот.
А, што значи обнова?
Обнова не значи одиме напред, се поместуваме од мртва точка, еволуираме, се развиваме, прогресираме кон повисоки цели, кон подобро утре.
ОБНОВА значи да дотераш нешто старо, да го оспособиш, да го облечеш во ново руво, да личи на ново. А всушност е тапкање во место, се занимаваме со тоа како старото да го накитиме и да биде ново.
Шминка и козметика. Типично за ВМРО-ДПМНЕ.
А, што ќе обновува ВМРО-ДПМНЕ кога нели 11 години беа прва светска економска сила која градеше и правеше рај на земјата кој за баснословни суми го рекламираа кај светски медиуми.
Па, нели на толку градење досега сè требаше да биде ново?! Што ќе обновуваме?
Зошто сега обнова и тоа во 1000 чекори? Само 1000 ли промашувања имаа за цела деценија владеење, па сега во 1000 чекори ќе обновуваат?
Еве креативна идеја како да им започне обновата:
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ семејства на кои им монтираа судски процеси, кои невини лежеа по затвори, кои изгубија свои најблиски заради тоа што мислеле различно од режимот
- нека извадат пари од чекмеџето на најбогатата европска партија и нека ги закрпат дупките на ИЛЈАДНИЦИ споменици и “нови” згради кои се распаѓаат насекаде низ Скопје
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ млади и надежни луѓе на кои им ги спакуваа куферите и им купија билет во еден правец за надвор
- нека се извинат на основците, средношколците и студентите што ископираа и направија ИЛЈАДНИЦИ лоши преводи на туѓи програми и така им ги сервираа учебниците и што отворија маалски универзитети на секое ќоше
- нека им се извинат на ИЛЈАДНИЦИ здравствени работници на кои не помислија цели 11 години
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ граѓани кои не добија повисоки плати зошто додека беа на власт мислеа само на себе
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ земјоделци затоа што државното земјоделско земјиште наместо кај нив завршуваше кај пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и локални шерифи, затоа што земјоделците беа угнетувани и уценувани за да стекнат право на субвенција, а им беа исплаќани кога сакаа и како сакаа, како да даваат милостина
- нека ги вратат парите од ИЛЈАДНИЦИ странски сметки и оф-шор дестинации
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ сопственици на бизниси кои ги уценуваа и угнетуваа за поврат на ДДВ, нешто што законски им следува
- нека се извинат на ИЛЈАДНИЦИ успешни бизниси кои преку ноќ стануваа мета на режимот, па ги рекетираа сè додека самите не им го предадеа бизнисот
- нека им се извинат на ИЛЈАДНИЦИ граѓани што беа присилени секојдневно да голтаат режимски вести кои самите си ги пишуваа и дистрибуираа до сите медиуми
- нека им се извинат на ИЛЈАДНИЦИ кандидати за работа, кои никогаш не добија работно место затоа што немаа партиска книшка, а сите огласи беа фингирани за да можат овие кои денес ви нудат обнова, во тоа време да се сместат во директорски фотелји
- нека им отстапат на граѓаните ИЛЈАДНИЦИ квадратни метри станови, плацови на Водно, шуми и пасишта стекнати нелегално за кои имавме прилика да слушнеме
- нека ги обештетат граѓаните кои од свој џеб плаќаа ИЛЈАДНИЦИ километри роуд-шоа
- нека им се извинат на граѓаните што за нивната иднина на изборите одлучувале ИЛЈАДНИЦИ фантоми, починати, малолетни, отселени и “човечиња” од Пустец
- нека ѝ се извинат на работничката класа што 11 години беше гладна и на раб на егзистенција, додека ИЛЈАДНИЦИ евра од нивните џебови беа трошени на октоподи на скара, запечени ракчиња, бифтеци со преливи, коњски меса, меса од бизони, срни, дивечи, скапи апетисани и алкохолни пијалаци од типот на „Курвоазие“, „Мартел“, „Чивас“ од по 1.600 денари чашка и води „Перие“
- нека ѝ се извинат на нацијата и на странските партнери за ИЛЈАДНИЦИТЕ и МИЛИОНИТЕ евра провизии
- нека им се извинат на граѓаните за ИЛЈАДНИЦИТЕ ветени, а неизградени патчиња, патишта и автопати
- нека им се извинат на граѓаните за ИЛЈАДНИЦИТЕ евра фрлени на преплатените врби, палми, кактуси и други егзотични билки
- ИЛЈАДА ПАТИ нека ѝ се извинат на државата што ја изолираа и ја тргнаа од вистинскиот пат кон евро-атлантските интеграции
Вака може да набројуваме до 1000 и назад…
Ете затоа ВМРО-ДПМНЕ не е во состојба никого да обновува, сè додека не се обнови самата себеси како партија! Дури тогаш може да зборува за некакви планови за државата.
Во 11 години владеење имаа речиси 3 мандата за да направат нешто ново. Наместо тоа, тие уништија сè што беше здраво ткиво во државата.
И сега барат обнова?!
Па какво е тоа темпо 3 мандати деструкција, па 1 мандат обнова? Веројатно не постои држава во светот чии граѓани можат да си дозволат таков луксуз после 3 мандати нечија деструкција и изживување врз народот, сега на истите да им довери мандат за обнова.
Демек, ние рушевме, ние ќе градиме?!
Обнова?! Не, благодарам!