И покрај невообичаената прослава на Велигден, како што се впрочем сите прослави во време на карантини и полициски часови, некои прашања останаа отворени. Зошто, на пример, Црквата, односно религиозните заедници се привилегирани наспроти останатите општествени дејности и институции?

Црковните храмови, наспроти „глувиот“ Велигден или токму поради него, за разлика од театрите, библиотеките, музеите, киносалите, училиштата, градинките, факултетите… беа и остануваат отворени.

Ако на Велигден немаше верници во црквите (иако, според она што можеше да се види на снимките, свештениците не беа ригорозни во сопствената заштита, чувањето дистанца и собирањето повеќе од пет луѓе на отворен простор), голем дел од нив се причестија во четвртокот, односно пред стапувањето на „празничниот“ полициски час, а нова тура носење бојадисани јајца и причеста се очекува веднаш по неговото завршување. Едноставно, тешко е да се објасни зошто собирањето во цркви, без оглед какви мерки и да се препорачани, е побезбедно отколку одење во библиотека, на пример?

Ако ги оставиме настрана приказните за исцелителските својства на црквите и за волшебното сребрено лажиче со кое се врши причест, тогаш ни останува објаснувањето на политичарите дека државата не смее да задира во верските слободи. А смее да задира во сите други слободи!

Веќе слушам како ми се објаснува дека во црквите (ќе) се почитуваат сите препораки на здравствените власти, па опасноста од зараза ќе биде минимална. Ајде да кажеме вака, и возрасните луѓе (ќе) ги почитуваат препораките на здравствените власти и опасноста од зараза ќе биде сведена на минимум, ама за нив, ете, се најавува полициски час до крајот на годината! Поттекстот е претпоставката дека возрасните се недисциплинирани, наспроти верниците кои се – дисциплинирани!

Зошто се тогаш затворени театрите? Да не заборавиме, верниците во црква пеат, се молат, мрморат молитви цело време, оставаат пари, љубат икони и крстови… Со еден збор, оставаат безброј од оние капки за кои се тврди дека се најголеми преносители на вирусот. Наспроти ова, театарската публика е тивка и дисциплинирана. Да, зошто не се отворени театрите, ете со почитување на сите мерки? Или музеите?

Едноставно, тешко е да се објасни зошто собирањето во цркви, без оглед какви мерки и да се препорачани, е побезбедно отколку одење во библиотека, на пример?

Верата, на крајот на краиштата, е индивидуално, да не кажеме интимно чувство што секој си го носи со себе. Со други зборови, не мора да се оди по храмови и светилишта за да се води крепостен живот во согласност со верата што ја практикувате.

Целата колумна на Ѕвездан Георгиевски за Призна на линкот тука