Над 80 отсто од граѓаните на Северна Македонија ги сметаат дезинформациите како закана и како нов начин на војување против државата, се наведува во истражувањето што е спроведено на над 1000 граѓани од земјава за потребите на Регионалниот совет за соработка (РСС), и е објавено на новата дигитална алатка Секјуриметар за Западен Балкан.

Истражувањето, како што се наведува во соопштението, покажало дека 54 отсто од граѓаните во целост се согласуваат со прашањето „дали сметате дека дезинформациите се нов начин на војување на државни или недржавни чинители против вашата земја“, додека 28 отсто рекле дека се блиску да се согласат во целост со таквото тврдење. На ниво на Западен Балкан, вкупната бројка која ги смета дезинформациите за опасни и за закана, изнесува 75 отсто.

Во делот од истражувањето наречен „Хибридните закани како нов предизвик“, 75 отсто од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека лажните вести се закана за демократијата генерално, а дека најмногу влијаат во (не) довербата кон јавните институции, потоа кон избраните политичари, врз финансиите и економијата и врз здравството.

На прашањето „кој треба да се справувува со дезинформациите“, граѓаните од земјава веруваат дека на прво место тоа треба да го сторат самите социјални мрежи, потоа новинарите и оние што ги водат печатените и електронските медиуми, се посочува во соопштението.

Истражувањето го спровела агенцијата Индаго врз 6000 граѓани од Западен Балкан во периодот од јануари и февруари 2021 година. Со истражувањето се одразува мислењето на граѓаните на Западен Балкан за цел сет безбедносни прашања, од тероризмот, организираниот криминал, мигранти, радикализација на интернет, хибридни војни, и друго.