Сигурно во државава не постои човек кој не видел барем една слика или објава пласирана во интернет просторот која “со сигурност” и “од проверени извори” ги покажува негативните ефекти на 5-џи мрежата. Теориите на завера одат дотаму дека 5-џи мрежата се воведува со цел комплетно следење на населението, негово чипирање и озрачување, со крајна цел уништување на популацијата на планетата Земја. Според овие теории, 5-џи мрежата директно го загрозува здравјето на луѓето, ја менува ДНК структурата на клетката, го ослабува имунитетот со што стануваме подложни на вируси, а одат дури дотаму дека насекаде низ светот се случува помор на животни, а како најиновативна идеја е таа дека новиот коронавирус е во директна спрега со 5-џи и најбрзо се шири во оние земји каде има поставени 5-џи антени, иако во поголемиот дел од земјите во регионот инфраструктура сè уште не е поставена.

Имено, кога во септември 2018 година Македонски Телеком за прват го изведе првото 5-џи демо, јавноста беше известена дека технологијата ќе почне да се имплементира во Европа од 2020 година, а целосна имплементација со сите нејзини напредни функционалности се очекува во периодот по 2025 година.

Помеѓу предностите на 5-џи мрежата кои тогаш беа презентирани е дека мрежата ќе ја подобри комуникација меѓу сите уреди поврзани преку интернет и дека ќе биде многу побрза од 4-џи технологијата, од 10 до 100 пати. На тој начин, филмови со висок квалитет ќе можат да се симнуваат за неколку секунди, но брзиот пренос на податоците меѓу различните видови уреди ќе има и примена во автомобилската индустрија, јавната безбедност, здравството, финансискиот сектор, комуналните услуги, во производството, здравството, медиумите и итн.

Меѓутоа, се чини дека на одредени центри на моќ, во услови кога целиот свет е фокусиран кон борбата со светската пандемија од коронавирусот, им се отворени сите карти за најгруба манипулација, пласирање на луди идеи кои се граничат со здрав разум, заплашување на луѓето со монтирани фотографии и пласирање на налудничави и небулозни приказни чија единствена цел е сеење страв помеѓу недоволно информираната популација.

  1. Трајче или Харви Дент? Еве еден од најочигледните и најлесни примери за разобличување на манипулацијата. Фотографијата ги заобиколи сите земји од регионот, само што во Босна несреќников е Рахман, во Србија Зоран, кај нас Трајче…Човекот на сликата лежи во болница и наводно работи во Телеком, а изгорениците на лицето ги добил при монтирањето на 5-џи антена.

 

Вистината е следнава: се работи за фотографија од филмот “Темниот витез”, а актерот во кадар е Арон Екхарт кој во филмот го игра Харви Дент или попознат како “Две лица”. Харви Дент е филмски јунак познат како “белиот витез” на Готам, негативец и смртоносен непријател на Бетмен, а повредата според сценариото на филмот ја добива од експлозија додека Бетмен се обидува да го спаси. Фотографијата со автограм на глумецот може дури и да се купи преку Амазон.

2. Се сеќавате на сликата со поморот на пчели?! Ова можеби е една од најсмешните невистини, а обвинувањата одеа во насока дека во државава наголемо се тестира 5-џи мрежа. Сликата повторно го заобиколи светот, а ниту ние не останавме покуси, па така еднаш беше “денес во Дебар”, утре “денес во Штип”, а после пола час “денес во Ресен” и така непрекинато се споделуваше, иако според некои информации сликава воопшто не е од ова поднебје и не е направена во реално време.

Имено, ваква беше реакцијата на Македонски Телеком во врска со ваквите обвинувања: „Најодговорно тврдиме дека нема 5Г мрежа во употреба. Надлежните институции немаат спроведено ниту постапка за доделување фреквенции за 5Г. Така што, неосновани се сите напади дека во моментот се вршат масовни тестирања низ државата“.

3. Антени се вградени во дрвја, животни, автомобили?! Опасно бесмислена манипулација. Во нашата држава, како и во повеќето држави во опкружувањето сè уште не е поставена инфраструктура за 5-џи.

Погледнете ги сликите во прилог и ќе сфатите до каде одат бесмислените идеи:

4. Во меѓувреме во Битола вистинска научна фантастика…

5. Коронавирус, шпански грип

Со оглед на фактот дека од средината на минатата година 5-џи мрежата е достапна во некои делови на Кина и Италија, веднаш се наметна теоријата дека пандемијата е резултат на 5-џи. Но дали е така?

Фактите велат дека 5-џи антени се поставени во одредени светски метрополи, меѓутоа вирусот е присутен насекаде низ светот. За илустрација, во Африка нема 5-џи мрежа, ама има регистрирано над 25 000 заразени во околу 60 држави на африканскиот континент.

Тука е и Иран, земја која длабоко “загази” во епидемија со околу 87 000 заболени и над 5 500 жртви, а нема воведено 5-џи мрежа.

Коронавирусот се пренесува преку 5-џи мрежата?! Оваа информација ја побива и самата СЗО која јасно стави до знаење дека биолошките вируси кои се пренесуваат од едно живо суштество на друго никако не можат да се пренесат преку радиобранови со чија помош се пренесува телекомункацискиот сигнал..

На најкреативните креатори за лажни вести и манипулации дури се сетиле да намонтираат и 1-џи антена на слика од 1918 година како директен виновник за пандемијата со Шпански грип која во тоа време зафати една третина од тогашната светска популација, а однесе и 50 милиони животи.

6. Хуморот на оние освестените сè уште нè држи во живот!