Во 2019 година во земјава вкупно биле регистрирани 7.785 новосоздадени претпријатија, што претставува 10,7 отсто од вкупно активните претпријатија, чија главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД, рев. 2 припаѓа во секторите на дејност од Б до О1. Во однос на 2018 година, забележано е зголемување на новосоздадените претпријатија за 23,4 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемиот дел од новосоздадените претпријатија 82,5 отсто припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.769), Други услужни дејности (1.629), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (677) и Стручни, научни и технички дејности (627). Од новосоздадените претпријатија 10,1 отсто припаѓаат во секторот Индустрија, а во секторот Градежништво 7,4 проценти.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество со 64,3 отсто имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Во 2018 година, пак, од вкупниот број активни претпријатија, згаснале 4.660, односно 6,7 проценти.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија 35,5 отсто се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата 74,4 отсто се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.