Ќе си го вратиме македонското национално достоинство што сега ни е погазено повеќе од кога било претходно и ќе го запреме она што сега прави да се чувствуваме погазено и понижено, беше речено на граѓанскиот собир што вечерва во Кочани го организираше ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.

Претседателот на партијата, Христијан Мицковски порача дека понудената програма за обнова на државата е гаранција и сигурна основа дека изгубените три години можат да се надоместат, а грешките на актуелната власт да бидат казнети.

– Луѓето од оваа власт не само што не успеаа во ветувањето дека ќе донесат живот, туку ја понижија, распарчија и омаловажија сопствената држава, па денес да си Македонец во сопствената држава носи чувство дека си граѓанин од втор ред. Ние нема да чекаме три години, доволни ни се шест месеци за сиот сомнеж за сторен криминал и корупција да биде процесуиран, правда мора да има, без привилегирани луѓе, семејства или политичари. Ние имаме план како да дојдеме до минимум 25 проценти повисока просечна плата, се обврзуваме за минимум 20 проценти повисоки пензии, за илјада километри реконструирани локални и регионални патни правци, реконструкција на болници, училишта и училишни сали. Ќе има 640 милиони евра субвенции за земјоделците и загарантирамн откуп на производството. Сакам да им порачам на сите што мислат дека можат да флертуваат со  соседите и да преговараат за нашата историја, дека не ни се потребни историски комисии, бидејќи за тоа нема преговори, истакна Мицковски.