Третиот пакет економски мерки ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна финансиска поддршка на граѓаните, изјави на денешната прес-конференција Коста Петров, потпретседателот на СДСМ.

„Ова се мерки за нова, развојна македонска економија, во вредност од 355 милиони евра наменет за 730,000 корисници, кои ќе ја трансформираат нашата економија и ќе ја направат поконкурентна, со тоа што ќе ја зголемат приватната потрошувачка и ќе стимулираат раст и промоција на домашните производи и услуги.

Првиот столб од третиот пакет на економски мерки усвоен од Владата предводена од СДСМ ги опфаќа сите невработени лица, социјално ранливите категории, младите, домаќинствата со ниски примања и медицинските лица.

Со овие мерки се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашни производи и услуги, се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија.

Но пред сѐ, се зголемува куповната моќ на граѓаните и со тоа се олеснува животот во услови на криза“, истакна Петров.

„Домашната платежна картичка за граѓаните – по 150 евра за македонски производи и услуги ќе ја добијат над 100,000 граѓани односно сите невработени лица, активни баратели на работа кои немаат над 15,000 месечни приходи според УЈП, како и примателите на гарантирана минимална помош. Со оваа картичка во период од 30 дена ќе можат да се купуваат домашни производи и услуги а платежната картичка ќе можат да ја добијат и лицата кои имаат блокирани сметки бидејќи се работи за посебна сметка.

Ваучер за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра

Со оваа мерка се опфатени 100,000 граѓани, односно сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи, според УЈП.

Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме домашниот туризам.

Електронскиот ваучер ќе има посебен QR код за секој индивидуален корисник а ќе може да се користи во домашните хотели и други регистрирани сместувачки капацитети, додека со платежната картица поттикнуваме купување на домашни производи и услуги.

Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

Парична поддршка за млади од 100 евра и платежна домашна картичка од 50 евра

Се грижиме и за младите, за студентите и средношколците.

Оваа мерка опфаќа електронски ваучери од 100 евра за покривање на партиципација во Универзитет како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци.

Младите ќе добијат и платежна картичка, во вредност од 50 евра за домашни производи и услуги.

Ваучери за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини

Ги поддржуваме младите да стекнат нови знаења кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија со Ваучери за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.

Оваа мерка ќе опфати од 7,000 до 10,000 млади до 29 години, кои ќе посетуваат академии во земјава за дигитални и ИТ вештини.

Заедно ќе ја пребродиме кризата предизвикана од корона вирусот и ќе излеземе од оваа криза, уште похрабри, уште посилни“, потенцираше Петров.