На Скопје му ја честитам новата градоначалничка – независната кандидатка Данела Арсовска, избрана на фер и демократски избори.

Му посакувам на Скопје да има градоначалничка која ќе се придржува на принципите за кои вети дека ќе се придржува: отвореност и инклузивност, професионалност и непартизираност, емпатија, грижа и солидарност, одговорност, економичност и правичност. Му ги посакувам на Скопје и брзите, модерни и трајни решенија за брзо справување со проблемите „кои ќе овозможат пристоен и квалитетен живот за сите скопјани“.

И посакувам на новата градоначалничка да го реши проблемот со сообраќајниот хаос („Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и современ јавен превоз“).
И посакувам да го оствари ветувањето за Целосно бесплатен јавен автобуски превоз со 250 нови еколошки автобуси – токму како тие 18-метарските електрични автобуси што ги рекламираше.
И посакувам да стави крај на урбаниот хаос и да изгради 5 нови мега паркови во Скопје (не мали, туку мега паркови – токму такви какви што вети – „по примерот на Градскиот парк“).

Во првите 82 дена го очекуваме ветеното чистење на сите диви депонии, потоа нивно претворање во паркови и претворање на „Вардариште“ во зелена зона со спортско-рекреативни терени.
До крајот на мандатот (пардон, до половина на мандатот, оти Скопје нема време за чекање) очекуваме: гасификација за сите домаќинства, нов објект за скопски саем, најдобар луна парк на Балканот, жичница од Скопје до Средно Водно, изградба на пречистителна станица, изградба на сите ветени коридори и улици, изградба на нова гимназија во Аеродром и два нови објекта за средни училишта, нова градска библиотека, нова Универзална сала, Центар за алтернативна уметност и 100.000 нови засадени „дрва“ годишно.

И сите овие работи, како и стотиците други нешта во програмата, да ги исполни брзо и сигурно, токму како што вети!

ФБ статус на Жарко Трајаноски