Продолжуваме со цртичките за министрите од новата влада кои треба да ја извлечат Македонија од бездната на невладеење на правото, недемократија, корупција и криминал на високи функционери во власта.
Или, секој народ има власт каква што си ја заслужува.
Како беше она? Аха. Народот е секогаш во право дури и кога греши.
7. Триесетгодишното момче Тимчо Муцунски ќе дојде на чело на македонската дипломатија. Се разбира нема никакво ниту знаење ниту искуство во оваа област. Ама бил градоначалник и тоа е доволно.
Всушност има и татко кој е професионален дипломат (и тоа добар). А како што знаеме овој вид на знаење и искуство се пренесува генетски, така што младото момче е спремно како и многумина пред него (исти вакви млади) да биде превезен жеден преку вода од страна на ајкулите кои пливаат во меѓународните дипломатски води и да ја смести Македонија на завидното последно место.
8. 33 годишниот правник Стефан Андоновски ќе биде министер за информатичко општество и дигитална трансформација бидејќи правниците се нели најдобри информатичари. Посебно тие младите. На ова поле посебно се истакнал како советник за меѓународна односи и дипломатија на Мицковски и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ..
Сепак, младиот правник Стефан Андоновски има искуство поврзано со дигиталната трансформација. Искуството го стекнува како панелист во дводневна посета на Цирих, Швајцарија на глобалниот Самит за дигитализација.
И тука е оној неизбежен предуслов за борбата со корупцијата и криминалот. Во сообраќајна несреќа повредил жена па малку се криел од одговорност.
9. Цветан Трипуновски ќе го води Министерството за земјоделие. И тој е еден од кадрите на Груевски и се разбира го исполнува еден од битните услови – против него има поднесено кривична пријава за злоупотреба на службената должност.
10. Глумецот Зоран Љутков ќе биде министер за култура. Навистина не можам да замислам посоодветен кадар од него. Жарот со кој го бранеше и величаше Груевски е секако најголемиот доказ за неговата соодветност за министер за култура.
11. Иван Стоиљковиќ ќе биде заменик претседател на влада и ќе го води Министерство за односи меѓу заедниците. Соодветен за оваа позиција го прави фактот дека е етнички Србин, вечен пратеник кој си седи и молчи во Собранието и како бонус безрезервната поддршка за Путин и секако блискоста со безбедносните сили на Русија.
12. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор. На пониските функции кои до сега ги заземаше веќе се покажа како успешен функционер кој обезбеди вработување на потесното и поширокото семејство во јавната администрација и завидно зголемување на личниот капитал. Што значи дека ќе биде борец за правата на Ромите и жесток противник на корупцијата.
13. Орхан Муртезани ќе биде министер за европски прашања.
На оваа позиција доаѓа заради квалификациите кои ги стекнал како директор на МЕПСО и генерален директор на Македонски железници – Транспорт.
Во 2022 година ВМРО-ДПМНЕ го карактеризира Орхан Муртезани (директорот на МЕПСО) како: “паразит кој зема огромна плата во време кога Енергетскиот систем е пред колапс“, и според ВМРО-ДПМНЕ “единствена заслуга на паразитот Муртезани е недостиг на електрична енергија и скапа струја за стопанството и домаќинството“.
Се разбира сето ова го прави соодветен кадар за министер за европски прашања во владата предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
14. Изет Меџити е најдобриот избор за министер за животна средина.
Тој е еден од шампионите на заштита на дивоградбите (мислам дека некој му кажал дека легализацијата на дивоградби е нешто многу добро затоа што самиот се пофали дека: “На многу граѓани, како и на функционери на ДУИ сум им ги легализирал куќите кои биле дивоградби “).
За да не заостане во незаконското делување зад своите македонски колеги, тој противзаконски преименува и училишта во општината со која раководи, а и малку се тепал на Калето (ама само малку).
15. Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика, демографија и млади.
За оваа функција го прави соодветен неговото образование – дипломиран професор по историја со богата кариера од управител на бензинска пумпа, до член на надзорен одборна МЕПСО и член на управен одбор и заменик генерален директор на АД ЕСМ (најсоодветни позиции за професор по историја).
И како и секој добар министер мора да има и малку насилно однесување и прекршување на законите. Во овој случај понижувачки однос кон новинарката Салије Садику од ТВ 21.
ФБ став на професорката Мирјана Најчевска
Првиот дел од анализата на професорката на следниов ЛИНК.