Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во интервју за Слободен печат оцени дека се уште е рано да се даваат оценки за новата влада, која се уште официјално се нема формирано.
„Не би сакал, уште дури и пред официјално формирање на Влада да одам во жестоки оценки и во конечни проценки, бидејќи сакам да верувам дека без оглед на тоа што јас лично мислам за одредена политичка партија и нивен лидер и колку е точно што тоа јас го мислам, би сакал владата, барем во почетокот да ја гледаме и оценуваме не според тоа кој ја води, туку според тоа што таа влада прави. Јас би сакал нејзините резулати да бидат соодветни на македонскиот национален интерес кој е видлив и е деклариран во сите изминати години на независност“ порача Дерала.
Според него, демагошки е ставот да велите дека институциите не функционираат и дека ние прво ќе се бавиме со институциите а потоа со ЕУ.
„Сакам да кажам дека ние имаме мал прозорец кон ЕУ, кој брзо се затвора, а тоа е дека Северна Македонија нема да продолжи со евроатлантскиот пат, ако во најскоро можно време не се откочи процесот. Северна Македонија мора да стане членка на ЕУ, ако сака да опстане. За да стане членка на ЕУ, таа мора веднаш да го откочи патот затоа што за многу кратко време тој пат не ќе може да го продолжи затоа што долго време се чека тие преговори да продолжи. Ако не го направиме тоа ќе не престигнат сите соседни држави, ќе не престингне Украина која е во жестока борба за својата слобода“ порача Дерала.