-Антониjо Милошоски се искачи на врвот на главните адути на ВМРО ДПМНЕ во предизборната кампања. Обвинет за нарачана лустрација на невин човек е гласноговорник за владеење на правото.
Предизборната кампања официјално и според законот не е почната, но таа трешти и удира по сите сетила на луѓето. По многу најави и анализи овојпат, судејќи според утрото, пропагандата ќе не` мава најсилно и највалкано во изминатите 14 години откако е воведен предизборниот пресинг во перманентна жестока војна за власт. Главен јунак во оваа фаза на предизборието е Антонијо Милошоски, кој изби во врвот на најсилните вмровски предизборни адути.
Ете и тоа е можно, џуџето од Кичево да стане џинот на ВМРО ДПМНЕ. Компромитиран политичар, обвинет за нарачана лустрација на невин човек заради незаконска имотна корист е гласноговорникот за владеење на правото и за одбрана на националните интереси. Милошоски, кој е синоним на најголемата навреда, јавно искажана кон творецот на македонскиот литературен јазик, нашиот великан, се`народен мислител, научник и творец Блаже Конески. Може ли Македонија да го заборави овој срам што го приреди Милошоски своерачно напишан и потпишан во колумна во која Конески го нарече џуџето од Небрегово и уште дузина гадости?
Без срам и перде
Може ли Милошоски по ова без срам и перде да ги брани македонските национални интереси и да не` спасува од криминалци? Има ли уште наивни кои можат да поверуваат во вакво нешто? Никогаш тој безумен чин не сум го сметал само за навреда на Конески, туку пред сѐ за навреда на Македонија и на сите граѓани што живеат во Македонија и почитувачи на делото на Конески во светот. Лустрираната пак пречка на Милошоски за незаконско стекнување на имот почина од болка и јадови за направената клевета и неправда.
Дури и најголемите радикали и шовинисти ја завршуваат својата политичка кариера истиот миг кога ќе искажат вакви подлости за национални дејци кои ја задолжиле повеќе татковината од сите тие национал патриотски политичари заедно. Отстранувањето од политиката на Милошоски со јавно извинување требаше да уследи од самиот партиски врв на ВМРО ДПМНЕ. Но, очигледно таквите удари врз националното достоинство за кое толку многу врескаат во револуционерната партија се дел од стратегијата на ВМРО ДПМНЕ која никогаш не се огради ниту од лустрацијата на писателот и творец што го напиша првиот роман на македонски јазик, Славко Јаневски, ниту од навредите врз Коста Рацин, основачот на современата македонска литература, ниту од навредите и срамната лустрација без право на одбрана на плејада македонски дејци, како што не се огради и не ги отстрани криминалците од своите редови кои се` уште се на високи партиски позиции. Нивното најавено отстранување од изборните листи е само обичен блеф, божем станува збор за нечујно признавање на нивната компромитираност и корумпираност. Не е за верување, тие остануваат и натаму главни претенденти за високи функции, се разбира, доколку ја освојат власта.
Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.