Како што објавија кредибилни новинари-истражувачи од Словенија, со 2.5 милиони евра, пари кои се надвор од она што е пропишано со изборните и референдумските законски прописи кај нас, пари од странски непријавени извори, од други држави, некој вршел антиреферендумска пропаганда за време на референдумот во 2018 година.
Од Будимпешта, преку Словенија, се работело против членството во НАТО на нашата земја, на нелегален и целосно нетранспарентен начин, кршејќи ги законите и Уставот на С.Македонија. Се работело против нашата безбедност, сигурност и иднина, се работело против информираниот избор при остварување на правото на глас.
Со нетранспарентни странски пари, префрлани од фирма на фирма низ неколку држави, се финансирала референдумска кампања, во македонскиот медиумски простор. 2 и пол милиони евра, за ширење на антиреферендумски „алуминиум“, лажни вести и дезинформации, омраза.
Би сакал јасно да повторам, во ваквото дејствие се кријат најмалку неколку кривични дела. Не само против изборната и референдумската легислатива. Аферата пукна утрово, одѕивот на многу медиуми во Македонија е, засега, прилично скромен. Некои големи новинари и уредници, кои во име на „јавниот интерес“ објавуваа секаков рециклиран медиумски отпад, за ова се уште молчат и ништо не објавија, замислете!
Ќе видиме дали и како ќе се разбуди „критичката“ јавност кај нас за една афера која, верувајте, ќе стане важна не само во македонски, туку и во европски, а богами и во евро-атлантски контекст. После ќе видиме и кој по свадба – ќе чука тапани.
Петрит Сарачини