Додека премиерот Мицкоски се подготвува за значајните средби што ќе ги има во Вашингтон би било многу подобро да најде начин да стаса и на средба со еден друг Доналд. Оној Доналд од Варшава, кој сега ја води ЕУ

Голема помпа од фалби се крена за поканата на нашиот премиер Христијан Мицкоски да присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Бил единствен од регионот што му била искажана таква чест. Тоа е од огромно значење за иднината на Македонија ќе јават на сите sвона партиските и медиумските пропагандисти на власта.

Фактот што досега на претседателските инаугурации на американските претседатели немало покани на високи државни функционери нема некакво значење за големината на настанот, бидејќи има одлична шанса Трамп да му намигне на Мицкоски како што тоа му се случи на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов кога му намигна претседателот Барак Обама и тоа на молитвениот појадок. Настан кој по своето значење и придобивки доби историски димензии на потсмев што остана во колективното паметење. Дури, овојпат може да се случи и нешто повеќе, па Трамп и Мицкоски да се ракуваат и да се сликаат за спомен и долго сеќавање.

Додека премиерот Мицкоски се подготвува за значајните средби што ќе ги има во Вашингтон би било многу подобро да најде начин да стаса и на средба со еден друг Доналд. Не онака од нога и куртоазно, на маргините од некој самит. Неопходна е добро подготвена средба со Доналд Туск, премиерот на Полска, која претседава со ЕУ не само за да дознае зошто ЕУ ги крена рацете од Македонија и повеќе не ја спомнува во плановите за проширување на Унијата, иако одговорот веќе е познат и загрижувачки, туку навистина да се најде решение Македонија да не остане целосно изолирана и заборавена. Една таква официјална посета на Полска, доколку нашата дипломатија успее да ја обезбеди, може да биде многу покорисна од „Пинки го виде Тито“ во Америка, односно од намигнувањето на Трамп.

Историската грешка на ЕУ

Да се потсетиме за што станува збор и зошто е неопходна таква силна активност, дипломатска офанзива на Македонија во повеќе правци. Во октомври 2019 година кога целата држава очекуваше да почнат преговорите со ЕУ падна француското вето што предизвика шок, голем револт и разочарување во јавноста по направените отстапки со Преспанскиот договор и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Шокот од еден таков удар што предизвика политички земјотрес во државата и драматични последици најжестоко го осудија Доналд Туск, тогаш претседател на Европскиот совет и Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија. Одлуката да не почнат преговорите со Македонија и со Албанија двајцата ја нарекоа голема историска грешка на ЕУ.

Да, тоа беше навистина историска грешка и голема неправда која во Македонија предизвика силен бран на недоверба кон ЕУ. Дури, по цели три години уследи обидот да се исправи историската грешка и да почнат преговорите со ЕУ, но со услов да се направат уставни промени и Бугарите да влезат во Уставот. Тоа во домашните политички примитивни и популистички битки предизвика пад на власта и нова изолација на Македонија. Историската грешка овојпат е префрлена од Европа на Македонија, самата да одлучи дали ќе ги прифати правилата на ЕУ. Додека сите соседи на Македонија од Западен Балкан се во преговори со ЕУ, освен Косово. Нашата самоблокада се претвори во херојство и патриотизам, национална гордост и достоинство. Сега новата власт испрати свое „вето“ барајќи гаранции дека ќе нема повеќе сопки во преговорите за членство ЕУ. По овој самоубиствен потег и покрај историската неправда изгледа во ЕУ на сите им олесна кога власта се одлучи самите да бидеме виновни. Премиерот Христијан Мицкоски „херојски“ изјави бирократите од Брисел да му јават кога ќе бидат подготвени да ги дадат потребните гаранции за непопречувани преговори.

Полскиот премиер Доналд Туск сега ни е неопходен за поддршка додека Полска претседава со Унијата да ја пружи сламката на која може Мицкоски да се фати за Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ заедно со Албанија, како гест за доисправање на историската грешка како што тој своевремено ја нарече одлуката на Европскиот совет да не почнат преговорите со Македонија и со Албанија. Наместо еден таков чекор нашиот премиер ја испрати историски арогантната порака да му јават кога ќе бидат подготвени во Брисел да ги дадат гаранциите за одложена примена на уставните измени без попречување на преговорите со нови вета. Од таму стаса повеќекратниот одговор со „жалење“ за по нашето бесмислено јуначење да прерасне во молк како Македонија да не постои. Повеќе не ја спомнуваат.

 

Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен на следниов ЛИНК.