Расправиите помеѓу Грција и Македонија и помеѓу Бугарија и Македонија се од различна природа. Со различни последици.

Со Грците имавме „имотно-правни“ недоразбирања како што двајца соседи се расправаат околу плотот – непријатна кавга која траеше триесетина години, но во која „геометрите“, на крајот, помогнаа да се симне оградата, откако ние решивме дека ќе се водиме од принципот „попаметниот попушта“: ја променивме таблата на влезот на плацот, добивме „имотен лист“ со катастарски печат од НАТО, без изгубен квадрат од духовниот и материјален имот. Тој успешно разрешен, а бесмислен спор, е веќе дел од балканската историја.

Со Бугарите, пак, недоразбирањата се како двајца браќа од исто семејство кои не можат да се разберат кого го сакал повеќе починатиот татко – еве, за потребите на оваа аналогија, да речеме дека „таткото“ се викал Гоце Делчев. Дополнително, Бугарите тврдат дека сме браќа-близнаци, еднојајчани, а ние тврдиме дека се работи за постар и помлад брат, со различна дата на раѓање, со свои формирани семејства и со изградени поколенија. И дека не ни пречи исто да го сакаме и славиме Делчев.

Со Грците „судски“ се спогодивме, адвокатските трошоци ги плативме ние. Ова со Бугарите е за психијатриско вештачење. Расправиите во семејствата се секогаш потешки од расправиите со соседите: има многу повеќе емоции од разум, бидејќи кога ќе се расприкажат разни тетки, стрини и вујковци, приказните се епски, семејните херои се само „наши“, а семејните предавници се само „нивни“.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивилмедиа на следниов ЛИНК.