Вредноста не е делот, таа е целината

„Патот оди постојано потака
Удолу од вратата каде што почна.
Сега далеку напред Патот отиде,
И морам да следам, ако можам,
Да останам на него со желни нозе,
Се додека не се слее во голем друм
кајшто многу патеки и трчаници се сечат.
И каде тогаш? Не можам да кажам” (Џ.Р.Р. Толкин, Дружината на Прстенот)

Прашањето на вредностите во политиката не е само прашање на избор меѓу две или повеќе можности, туку и прашање на одговорност која ги надминува личните или групните интереси. Ова значи прифаќање на очекувањата, верувањата и етичките стандарди на општеството, но и нивно менување, како основни мотиви на својата политичка активност. Не е нужно политиката да се прифаќа, а со тоа и да се легитимира, како гола борба за власт, задоволување на желба да се зграбуваат институции, моќта да се инструментализира во задоволување тесни интереси, кои по својата природа се во судир или противречност со интересот на целата заедница. Вредносно или принципиелно обоените политички одлуки не дискриминираат, неправедно не фаворизираат и незаслужено не наградуваат. Чувството на единство и разбирање во општеството е последицата на овој политички пристап, било тој да е во делот на економијата, културата, образованието или било која друга општествена сфера.

Вредносните позиции, колку и да се обесхрабрувачки за одредени учесници во политичкиот живот во нашата држава или негови посматрачи, сепак тие содржат мотивирачка и силна универзална претензија кој се прелева од една општествена сфера во друга. Дали некој ќе ја премолчи или гласно изговори, дали ќе ја наведне главата или одлучно ќе покаже кон неа разоткривајќи ја пред очите на јавноста, е прашање на личен интегритет и подготвеност да се прифати одговорноста кон граѓаните.

Кога вредноста ќе биде прифатена како темел во решавањето на проблемите, кога таа ќе се разоткрива, тогаш резултатите од одлуките ќе може да се посматраат од една поширока перспектива затоа што тие ќе бидат пресликани на еден вредносен политички свод под кој граѓаните економски ќе напредуваат, но и културно ќе развиваат во своите различности.

Кога се зборува за резултати, во принцип, преовладува начин на кои тие премногу се конкретизираат, цврсто се држат ограничени за секторот во кој се постигнати. Но овој пристап не препознава друг потенцијал на бенефиции кои од делот лесно преминуваат кон целината, од една сфера кон целокупното општество.

На минатонеделната конференција за патна инфраструктура, која се одржа во Охрид, пред дел од претставниците на градежниот сектор во земјава, една од моите пораки беше „градежништвото не е само тули, бетон и челик, туку сектор кој создава големи економски можности“. Оваа порака содржината на градежните активности, односно нивните резултати ги извлекува и дифузира на целата економија, но таа овде не се исцрпува, не ги достигнува своите граници на својата важност. Таа во себе има вредносна политичка димензија, која на резултатите им дава една универзална применливост.

Кој е тој пристап, не само економски, туку и политички, за кој ценам дека доколку се негува и развива на јавната сцена ќе изгради цврсти бариери на неуморната националистичката потрага по „непријатели“ кои нешто од некого зграбуваат, дали тоа се автопатишта, хидроелектрани, природни или пак културни ресурси.

Станува збор за воведување на перспектива или нејзино препознавање и нагласување која резултатите од одредено решение на даден проблем или одлука ќе ги извлече од нивниот сегмент во кој се донесени и ќе го нагласи нивното прелевање во останатите општествени сфери, не изразено само рационално низ бројки или компарации, туку и вредносно.
Градењето на една патна делница не само што носи директни економски придобивки, изразени преку работни места, развој на бизнис, туку во себе има и други не економски димензии. Доколку има политичка волја патот може да се препознае повеќе од физичка појава, односно како реална можност за подобрување на поврзаноста, за олеснување на културните размени, а со тоа и негување на различностите. Кога поминуваат низ различни етно-културолошки краишта, патиштата сè повеќе од физичко поврзување на две просторно одделени места, тие го симболизираат и единството на различностите, создаваат можности на луѓето со различни потекла, религиски верувања, традиции и култури да комуницираат, да се здружуваат, односно да ја збогатуваат различноста на нашето општество со нови искуства и перспективи кои преку изградбата на нови патишта може да се откриваат. Патиштата во нашата држава ги спојуваат различностите, промовираат толеранција и го слават нашиот културен мозаик.

На кого му пречи ова?
Не станува збор за фантазија, ова е реалност, но треба политички да биде препознаена и нагласена.

Промената на перспективите, ослободувањето од јаремот на минатото може да ослободи нова политичка енергија во донесувањето на одлуките и решавањето на проблемите на граѓаните. Овој пристап поттикнува приспособливост, осигурува дека политиките се доволно флексибилни за да понудат одговор не на историските прашања, туку на предизвиците на светото кој во моментот се менува. Перспективата ориентирана не кон потрага по „непријатели“, туку кон иднината ја поттикнува инклузивноста, бидејќи ги зема во предвид потребите и аспирациите на помладите генерации, на тој начин создавајќи мотивација да земат активно учество во обликувањето на општеството.

На кого му пречат младите?

Со отфрлањето на ограничувањата на историските предрасуди и прифаќањето на размислување кое е фокусирано на иднината, политичките одлуки стануваат катализатори за позитивни промени на општеството.
Да ги промениме перспективите кај градежништвото, погледот од тулите, бетонот и челикот да го поместиме кон иднината. Зборувајќи за потребите од работната сила, ако го акцентот го ставиме на потребите на градежништвото по пет, десет или дваесет години, тогаш прашањето е: Каков профил на работна сиал ќе има потреба оваа индустриска гранка? Одговорот на оваа прашање бара напуштање на тесниот поглед, кој под „челичните“ стеги на минатото и притисокот на тежината на „тулите“ се фокусира на сегашноста.

Затоа и Националнaта развојна стратегија, која започна пред две години да се развива по моја инцијатива, поставена е како средство за постигнување на повисоки општествени цели, а не само економски развој. Поставувајќи ги клучните цели и визии за тоа како сакаме државата да изгледа по 20 години, се тоа ставено во една вредносна рамка со изразена инклузивност, стратегија ќе расплети низа на можности и бенефиции за општеството кои ќе ги надминат чистите економски резултати.

Низ овие два примери, може да се покаже дека вредносното политичко дејствување отвора нови перспективи во перцепциите на постигнати резултати или на самите процеси на креирање и на водење на политики. Перспективи во кои се расплетуваат низа на можности пред општеството, а кои го зајакнуваат заедништвото.

Колумна на Фатмир Битиќи