Не можете да се борите против која и да е’ негативна – да не речам субверзивна (иако тоа би бил можеби најдобриот израз) – појава ако не ги знаете изворите на нејзината „сила“ тоест причините за нејзиното опстојување. Секој отпор, секоја акција ќе ви биде залудна зашто, можеби, ќе биде насочена на сосема погрешна страна. Тоа е исто како со владиниве мерки за намалување на загадувањето: не ги решаваат главните, примарните извори на загадувањето туку се бават со ситнеж од типот на огревно дрво, автомобили и слични идиотштини! Плус, пуштаат коекаков полуписмен за проблемот функционер да блебета глупости и да ја замајуваат јавноста со времето кога тој, ете, бил без работа! И што треба ние тука да правиме, да седнеме и да плачеме заради него?

Во еден ваков контекст и професорот Малески посочува дека „триесет години ги имаме сите елементи од кои е составен еден демократски систем: партии, устав, закони, избори, државна администрација, а сепак, за успешна демократија, нешто важно недостасува“.[1] Не можете да одречете дека така поставената равенка ги содржи сите (или повеќето) неопходни елементи и има само една непозната: зошто? Зошто е тоа така, која е причината што, ако навистина ги имаме сите, или ајде – најважните, состојки за еден демократски систем (сепак правам разлика помеѓу демократски и успешен демократски; јас би се задоволил и само со – демократски!), ама го немаме конечниот, посакуваниот производ? Почитуваниот професор не се стеснува веднаш да го даде и одговорот којшто, соред него, ја решава равенката: вели дека го немаме „духот на законите“! И го образложува; „духот на законите е моралната посветеност на почитување на правилата на поведение, посветеност на вистината, на правдата (…)“. И сето тоа е веројатно така, односно јас не сум тој кој би можел да спори со неговата аргументација, ама мене сето тоа ми остава чувство и на лична вина, со којашто јас ама баш никако не се согласувам. Поточно, сметам дека јас, лично и персонално, воопшто немам вина во тоа немање на „духот на законите“. И сигурен сум дека такво чувство има огромно мнозинство одговорни граѓани на оваа држава. Ако некој треба да го споделува тоа чувство, ако некој е навистина одговорен за овие и вакви состојби, тогаш тоа е – политиката, оваа сегашна и онаа мината, особено онаа мината неспособна политика којашто не знаеше, не умееше, (не сакаше?) да ги детектира вистинските причини за македонското демократско фијаско, а меѓу нив и тоа викано „духот на законите“. Професорот Малески беше дел од таа политика, бев и јас, иако на едно скалило подолу. Тоа мора да (си) го признаеме. Дали, и колку направивме нештата да бидат појасни, „духот на законите“ сепак да биде почитуван, останува на другите да ценат!

Но, она што токму некои други мораа да го (про)ценат – независно од професорот Малески и мојата дребност – е фактот дека во овој македонски (повторувам: недефиниран, или крајно нејасно дефиниран) систем провејуваат премногу (квази)социјалистички атрибути коишто истиот го прават целосно дисфункционален, (Не само) културата е очебиен пример за тоа.

Што во самата суштина ја гуши културата, па следствено и македонската култура? Ја гуши, се разбира, оној „дух на законите“ за којшто пишува професорот односно моралната и професионалната деградација, непосветеноста на вистината, на правдата и слично, но – не само тоа. Дури, ако сакате, во културата (дел од) законите се почитуваат, повеќе или помалку. (Друго прашање е какви се тие закони!). Но, она што дефинитивно ја гуши речиси до смрт, е државниот монополот врз културата, или врз „вистината“ за културата, или, преведено: политичкиот и економскиот монопол на државата во културата! Сите други нешта (политизацијата односно партократијата, етнизацијата, неспособноста и непрофесионалноста итн.) се само нуспроизвод на овие два главни фактори. Или, ако сакате, системот во културата е така поставен, односно ОСТАВЕН, уште од времето на бивша Југославија и живурка еве веќе триесетина години (не сметајќи ги оние во времето на социјализмот!) и никој нема намера да го смени!

Можеме да ги разгледуваме секој монопол одделно, или двата заедно и нивните взаемни дополнувања или контрадикции, но секогаш ќе доаѓаме до ист резултат: она за што генерално го обвинувавме социјализмот, сепак го задржавме како главен адут и во „новиот“ систем зашто некому – на власта, која и да е’ – му / и’ обезбедуваше / гарантираше целосна контрола врз тој општествен сегмент, во случајов врз културата. И тука нема равенка со непознати, тоа е – аксиом! Зашто, видете, ако во ваши раце е целата политичка власт (ок, можеби ја делите со коалициски партнери ама тоа не менува којзнае колку), плус ја имате целата економска контрола врз културата, тогаш … има ли друг можен крај освен – некултурна приказна? Политичката (пре)власт ви гарантира, вам или на коалицискиот партнер што ја „држи“ културата, целосна контрола врз културата во смисла на: основање или затворање на институции; именување на (партиски) директори; вработувања на партиски членови во институциите, симпатизери / пулени или нивни роднини и секакви други замисливи и незамисливи претумбации во институционалната култура за коишто никој не ќе може да ви приговори. А и да ви приговори – ништо не ви може, а тоа впрочем обично трае еден ден, до некој друг, нов скандал.

И понатаму, вториот монопол – економската (пре)власт ви гарантира комплетна контрола врз културниот буџет (плати, надоместоци, материјални и програмски трошоци и слично врз сите институции под државна „капа“) но и не само врз институциите туку и врз поединците (самостојни уметници) и невладиниот сектор, зашто и тие се на еден или на друг начин закачени на државниот буџет. Или, што би се рекло, државата / власта, која и да е’, има целосна и апсолутна контрола врз сите механизми во културата! Токму таа и таква апсолутна власт ја овозможи и заробената држава односно заробената култура во неа. Фактот што три години се прават напори таа и таква држава да се ослободи не значи дека се прават доволни или соодветни, како сакате, напори да се ослободи и културата. Или, ако баш сакате, еве ви го последниот пример со Фондацијата Славко Јаневски! Извинете, ама Фондација што се моли за пари кај градските, па и државните власти? Нешто невидено во европското поимање на културата. Па фондациите се токму она „нешто“ спротивставено на државата, на власта, токму она што велиме дека ни е неопходно во овој државен монопол!? Ама, нели, Македонија и …

Златко Теодосиевски

Извор