Поранешниот амбасадор во Лондон, Ѓорѓи Спасов смета дека проектот Отворен Балкан е од извонредна корист за земјите учеснички во него, зборувајќи за противењето на проектот од страна на трите земји од Западен Балкан: Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

– Тоа е проект за европеизација на секоја од нив и може само да го забрза нивното вклучување во ЕУ. Важно е дека тој е отворен и за другите земји. Тоа што тие во овој момент не се подготвени да го прифатат е резултат на нерешени политички проблеми меѓу Србија, Косово, БиХ и Црна Гора. Проектот не го спречува решавањето на тие проблеми. И како што тие ќе се решаваат така и тие земји ќе се приклучуваат. Дали тоа ќе се случи во мандатот на Вучиќ или подоцна ќе видиме. Но, секој треба да си ја пресмета користа од отворени граници и добра економска соработка и да оцени дали така или на друг начин ќе најде побргу решение и за политичките проблеми, изјави Спасов за „Слободен печат“.