Балканот е еден од неславните светски примери за разорната моќ на национализмот. Нашиот регион, познатото „буре барут“, е типичен показател за резултатите што може да ги донесе националистичкото лудило индуцирано од политички и научни елити, кога ќе се фатат со создавање „непријатели“ и градење „големи“ држави, прикривајќи ја со тоа голата борба за власт, моќ, пари и купување на внатрешен мир.

И во такво опкружување, Македонија некако успеа да се измолкне од последната крвава националистичка епизода на Балканот со распадот на Југославија во 90-тите, па и од 2001-вата година и вооружениот конфликт во земјата, кој беше спречен пред да прерасне во вистинска војна. Честопати го избегнувавме злото, најмногу благодарејќи на пријателите однадвор, но и на мудроста на поголем дел од граѓаните.

Но, не може да се избегне впечатокот дека во сите овие 30 години македонска независност национализмот е важен фактор во земјата, кој сериозно влијае во детерминирање на општествените односи, динамиката на прогресот и промените. Добар дел од политичките елити во земјата постојано го користат национализмот како погонско средство за мобилизирање на поддршка за остварување на сопствените интереси, кои најчесто подразбираа и опструирање на напредокот на земјата.

Така беше со сите важни одлуки од самостојноста наваму – со приемот во Обединетите нации под референцата ФИРОМ, промената на знамето и привремената спогодба со Грција, така беше со одлуките за високо образование на албански јазик, па со Рамковниот договор, територијалната поделба, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија…Национализмот е подлогата за сите опструкции кои ги оневозможуваа, отежнуваа или одложуваа решенијата, кои создадоа наративи на поделба што траат со децении, а кои, како што гледаме не се случија – нема ниту распад, ниту поделба на земјата, ниту бришење на народи, како што предвидуваа, а можеби и посакуваа националистите.

Целата колумна на Петрит Сарачини за Цивил медиа на следниот ЛИНК.