Ги отфрлам како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно управување или контролирање новинари или медиуми.
Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите.
Тоа е суштината на професијата односи со јавноста.
Со лицето Бојан Јовановски, сум комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата.
Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите.
Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада.
Медиумските работници секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.
Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена.
Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања.
Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе.

ФБ статус на Марјан Забрчанец