Денес на прес-конференција, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во Струга го најави отварањето на новиот пливачки базен, кој треба да биде отворен до крајот на годината.
„Со проектот ќе се создаде нов, современ, идеално димензиониран, енергетски ефикасен објект. Ова ќе значи поттикнување и развој на пливањето како спорт, зголемување на квалитетот на образованието, здрави навики од најмала возраст и можност за рекреација на граѓаните од Струга”.
Тој посочи дека поради ненаменско трошење на средствата, години наназад, состојбата која ја затекнале на терен била алармантна.
„Затекнавме состојба на објект кој беше целосно руиниран и пред распаѓање. Од постоечката состојба тешко е да се препознае дека некогаш тој претставувал еден од најубавите базени во нашата држава и центар на водните спортови. Поради не водење грижа за одржување подолг временски период, речиси една деценија комплексот е нефункционален. Поради ненаменско трошење на средствата години наназад, затекнавме спортски објекти кои пропаѓаат, игнорирање на потребите на спорт и целосна стагнација во спортот.”
Директорот Каевски потенцираше дека за само 2 и пол години е направен пресврт во политиките кои значат враќање на спортот на посакуваното ниво.
„Запуштените објекти ги ставаме во функција. Инвестираме во развој на спортската инфраструктура, што значи грижа за постоечките и изградба на нови објекти од ваков тип низ целата држава. Покрај целосна и темелна реконструкција и враќање во полн сјај на базенот во Струга, преку нов капитален проект започнавме со изградба на 6 нови школски базени во уште 6 општини. Изградивме 10 спортски фитнес зони, поставивме 7 монтажни лизгалишта во зимскиот период, а во годинава започнуваме и со изградба на 10 баскет игралишта. Четирикратно ги зголемивме средствата во спортот. Во споредба со 2016 година кога за спортот биле одвоени 60 милиони денари, во 2019 година се вложени 244 милиони денари.” нагласи Каевски.
Тој додаде дека условите за професионално и рекреативно спортување се подобрени, а зголемена е директната поддршка кон спортистите и спортските клубови. Капиталните инвестиции што во моментот се реализираат ќе дадат дополнителна вредност за крајните корисници, а тоа граѓаните најдобро го чуствуваат.