Локалната власт заедно со јавното претпријатие „Исар” го комплетираше најголемото барање на граѓаните од населбата Балканска. Домаќинствата во Балканска добија чиста и здрава вода за пиење од градскиот водовод.

Јавното претпријатие „Исар” во изминатите неколку месеци работеше на приклучување на градскиот водовод со оваа населба.

Ова е голем чекор за локалната самоуправа бидејќи после многу години и после многу ветувања од страна на претходната власт, денеска граѓаните се соочуваат со нова реалност – чиста и здрава вода за пиење.

„Во изминатите месеци напорно работевме за остварување на најголемото барање на жителите од оваа населба, направивме 4 километри цевка која е приклучена на градскиот водовод и граѓаните конечно добија чиста и здрава вода за пиење, оваа инвестиција чини 360.000 евра,“ истакна градоначалникот Бочварски.

Директорот Живко Тасев истакна дека јавното претпријатие Исар работеше напорно во овој дел од градот и продолжуваат со приклучоци во населбите Македонка и Чардаклија.

Основните услови за живот и подобрената инфраструктура се приоритет на локалната власт. Заеднички со граѓаните се подобруваат условите и Штип го доживува вистинскиот развој.