По 9.000 денари еднократна помош ќе добијат социјалните категории и невработени што остваруваат низок доход, а по 3.000 денари ќе добијат вработени со мали примања, како и средношколци со наполнети 16 години и студенти. Здравствените работници кои тестирале, дијагностицирале или лекувале заболени од ковид-19 ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40 отсто од износот на последната пресметана основна нето-плата.

Ова го предвидува Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и на вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање домашна платежна картичка наменета за купување македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, што е објавена во „Службен весник“.

Според Уредбата, граѓаните што се опфатени со оваа мерка, ќе ја добијат таканаречената домашна платежна картичка најдоцна на 3 јули, а парите ќе може да ги искористат најдоцна до 31 јули, и тоа само за купување домашни производи кај регистриран македонски производител, освен цигари и алкохол, да обезбедуваат услуги од домашен давател на услуги или да купуваат онлајн производи од домашната е-трговија.
Никој ништо не мора да пријавува, сѐ ќе направат институциите

Домашната платежна картичка ќе биде со видливо отпечатена ознака „купувам домашно“, а банката ќе ја достави на домашна адреса на корисникот, со тоа што е неопходна негова потврда дека ја примил.

Парите ќе им бидат префрлени на оние на кои им следуваат според Уредбата. Притоа, никој ништо не треба да прави затоа што има институции што се задолжени да состават листи на податоци. Така, за невработени податоци ќе даде Агенцијата за вработување, за приходите УЈП, за младите – Министерството за образование.

Парите од помошта ќе легнат на трансакциската сметка што веќе ја имаат граѓаните, преку која примаат помош или плата, или за која институциите ќе обезбедат информација преку Клириншка куќа. За оние што немаат трансакциска сметка, државата ќе им отвори во некоја банка.
Примената финансиска поддршка не се оданочува со данок на доход согласно со Законот за данокот на личен доход.

Пари за социјалните категории и за дел од невработените

Во Уредбата е прецизирано кој сѐ може да добие домашна платежна картичка.

По 9.000 денари ќе добијат граѓани со низок доход, а тоа се полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош, односно лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; кое користи детски додаток; додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница.

По 9.000 денари има и за невработените што активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување заклучно со 22.5.2020 година, а кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето-износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето-износ не поголем од 60.000 денари според евиденцијата на УЈП.
Кои вработени и кои млади ќе добијат картичка

Вработени лица со низок доход, според Уредбата, се наши државјани кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време и тие ќе добијат еднократна помош од 3.000 денари.

Финансиска поддршка од 3.000 денари ќе добијат млади со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, ако одат во средно училиште или се редовни студенти, според евиденцијата на Министерството за образование и наука.

Извор: Слободен печат