Исплатата на парите од владината мерката „Викенд без ДДВ“ треба да почен од следнава недела, најави вчера на прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими. Ова се реализира, како што рече тој, откако завчера во Собранието беа изгласани ребалансот на Буџетот и законите кои овозможуваат реализација на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и фирмите подгодени од корона кризата.

Според податоците од УЈП, поврат на ДДВ од продолжениот викенд ќе добијат вкупно 204.088 граѓани кои купувале македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

Оваа мерка можеа да ја искористат околу 350 илјади граѓани кои се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки, но се покажа дека некои од нив не можеле или не сакале да ги искористат поволностите за поврат на ДДВ.

Бесими вчера не даде точни податоци колку вкупно пари ќе им бидат вратени на граѓаните, но од претходно објавените податоци, станува збор за околу еден милион евра.