Директна поддршка на македонското стопанство-иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места, изјави на денешната прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

a) „Бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот
Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди и 30% грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.

б) Државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на Старт ап и мали и микро компании
Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.

в) Гаранција за обезбедување на царинскиот долг – за поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании
Со гаранцијата за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

г) Нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за нови пазари, конкурентност и модернизација
Согласно Законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата им помагаме на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.

д) Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании
Со финансиска поддршка од 1 милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.

ѓ) Поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР
Нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село. Директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.

е) Кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари
Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари“, посочи Спасовски.