Владата и Министерството за образование и наука се посветени на креирање соодветен систем на дуално и стручно образование, со кое би се продуцирале квалитетни и добро обучени кадри, особено од техничките струки, истакна заменичката претседателка на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, при денешната посета на компанијата ОДВ „Електрик“ во Охрид.

Во оваа компанија учениците од техничкото средно училиште „Св. Наум Охридски” посетуваат пракса како дел од дуалното образование.

Вицепремиерката денеска информира дека од вкупно 40.000 ученици во средно образование, само 15.000 се во техничките училишта и смета дека треба да се работи на зголемување на оваа бројка.

-Овде денеска можевме да видиме како се тестира моделот за усогласување на побаруваните занимања и гледам дека покажува одлични резултати. За стимулирање на младите да се вработуваат во производство Владата го воведе младинскиот додаток кој на месечно ниво изнесува 3.000 денари, може да го користат сите млади лица до 23 години вработени во производство, рече Царовска.

Директорот на ОДВ „Електрик“, Огнен Цубалевски, денеска појасни дека со практикување на дуалното образование се креира нова деловна клима и се помага во создавање на нови деловни навики.

Според него, секоја општествено одговорна компанија треба да инвестира во младите луѓе, и со тоа да влијае врз подобрување на демографските процеси.

Директорот Општинскиот електро-машински центар „Св. Наум Охридски” во Охрид, Сашо Недески изјави дека со индустрискиот раст и развој на овој регион се наметна потреба од стручна работна сила и образовниот систем кој треба да се вклопи во производството.

Во целиот процес на дуално образование во пет града низ државата и десет компании се вклучени вкупно 250 ученици, од кои само годинава се запишани 135 ученици.