Едно лице загина и четворица се повредени во сообраќајна несреќа што се случи попладнето меѓу патничко моторно возило и товарен воз на обележан премин меѓу железничката станица Згрополци и Градско.
Од Службата за Итна медицинска помош при Здравствениот дом Велес за МИА информираа дека е починато 24-годишно момче, а една жена со потешки повреди е пренесена на клиниките во Скопје. Останатите тројца се згрижени во Велешката болница.
Несреќата се случила во 12:10 часот кога возилото марка „форд галакси“ со велешки таблички без да ја почитува сигнализацијата навлегло на пругата.
– На патниот правец обезбеден со звучни и светлосни сигнали кои биле исправни, патничко моторно возило без да ја почитува сигнализацијата, навлегло во профилот на пругата и било удрено од товарен воз на патен правец кај селото Ногаевци, Градско, велат од Македонски железници – Транспорт за МИА.
Од МВР информираат дека железничкиот сообраќај на тој дел од пругата е во прекин се до завршување на увидот.
Четворицата повредени во железничката несреќа кај Ногаевци се надвор од животна опасност. Тројца се мажи и тие се задржани во Велешката болница, а една е жена на возраст од 50 години која поради здобиените повреди на лицето е пренесена на понатамошно лекување во Скопје.
Портпаролот на Општата болница во Велес, Тодор Јаковлевски изјави дека жената се здобила со фрактура на лицето и оти по укажаната медицинска помош е препратена во Скопје, а двајца од повредените мажи се здобиле со фрактури, додека еден има полесни повреди.
Еден од двајцата потешко повредени има исчашување на колкот и фрактура на чашката на колкот, а вториот има фрактура на ребра.