Двааесет и двегодишниот Иван Ѓоргиевски од Крива Паланка е среќникот што годинава меѓу триесетмината верници успеа да го извлече светиот крст од водите на Крива Река.

Чествувањето на големиот христијански празник, Богојавление – Водици, во општината започна со света Богојавленска литургија во црквата „Св.Великимаченик Димитриј“, а потоа свечената литија од црквата пристигна до мостот на реката кадешто свештенослужителите од кривопаланечкото архиерејско намесништво ги осветија водите на реката по што верниците, пријавени за чинот, се фрлија во водите на Крива Река каде беше положен светиот крст.

Општина Крива Паланка додели подарок – телевизор, за Иван Ѓоргиевски, најсреќниот меѓу нив, што го извлече крстот од водите, а наградата ја врачија градоначалникот Сашко Митовски и претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска.