Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, во своето излагање, нагласи дека успешната реализација на Оперативниот план, е резултат на тимска работа и позитивна енергија на вработените во Агенцијата и центрите за вработување, вработените во Министерството за труд и социјална политика, како и партнерите во спроведувањето УНДП и УНОПС, работодавачите и самите невработени лица. Таа додаде дека сите активни програми и мерки беа атрактивни за работодавачите и невработените лица и постигнат е максимален опфат согласно планираното.
„Преку субвенционирањето на плати отворени се 1383 нови работни места, додека со поддршка за вработување и раст на правни субјекти се придонесе за отворање на 621 работно место. Практиканството е уште една мерка која беше атрактивна кај работодавачите и младите лица, при што со оваа мерка беа опфатени 1697 лица. Она што особено беше побарано од стопанството беа обуките, се спроведоа вкупно 55 обуки за 22 занимања на територија на цела држава, пришто 3704 лица успешно завршија обука. Станува збор за најразлични обуки, детектирани за потребите на пазарот на трудот: монтери, инсталатери, оператори за веб дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, гастрономи, електромеханичари, автомеханичари, заварувачи, фризери, козметичари“, појасни директорката Јовановска.