Значаен напредок на Република Северна Македонија во борбата со корупцијата нотира во најновиот извештај Телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите – ГРЕКО. Со тоа, нашата држава направи голем исчекор напуштајќи ја групата на „глобално незадоволителни“ држави и зачекори кон исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација.

За вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човек ресурси, Љупчо Николовски, овој напредок претставува дополнителен стимул и поттик на заложбите на Владата за градење на стандарди и принципи за превенција од корупцијата во сите области.

Станува збор за 19 препораки за превенција во делот на корупцијата во Парламентот, судството и обвинителството, од кои земјава нема исполнето само две. Целосно се исполнети девет препораки, а делумно осум препораки.

Според министерот за правда Бојан Маричиќ, сега Северна Македонија е чекор поблиску до ЕУ, но сепак работата не завршува тука и има уште многу да се сработи.

Тој потенцира дека ГРЕКО го констатирала фактот дека последните два мандати министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и дека со новиот Закон за судски совет правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено.

– Сепак, ГРЕКО остана на ставот дека оваа препорака ќе се смета за исполнета само откако ќе се измени Уставот на Република Северна Македонија каде што е утврдено дека министерот за правда учествува во работата на Судскиот совет, меѓутоа ние направивме се што е во моќ на Владата со сите останати правила и со практиката да не учествуваме и да не влијаеме како Влада во работата на Судскиот совет, рече Маричиќ.

Како што посочи првиот човек на Министерството за правда преземени се мерки за јакнење на независноста, департизираноста и интегритетот на судиите поротници што е констатирано и поздравено од ГРЕКО, а усвоен е кодекс за судска етика, водич за негова примена и формирано е тело за негова имплементација што е посебно поздравено од ГРЕКО, особено одредбите за забрана на примање на подароци и услуги.

-Ќе продолжиме уште попосветено да работиме на исполнување на препораките на ГРЕКО од петтиот круг на евалуација коишто се на тема спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт, највисоките извршни функции и органите за спроведување на Законот којшто започна во 2017 и со доставување на евалуацискиот прашалник за овој круг од страна на ГРЕКО продолжува да се работи, најави Маричиќ вчера на прес-конференција.

Од новите 23 препораки кои ГРЕКО и ги упати на Република Северна Македонија, девет се однесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.