Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи не престанува со непрофесионалните постапки и барање на ситни политички поени преку лица кои се наоѓаат во ризик. Денеска си дозволи да си поигра и со судбината на малолетната корисничка на мал групен дом, вели заменик министерката за труд и социјална политика Санела Шкријељ.
„Центарот за социјална работа постапил согласно сите стручни упатства и процедури во вакви случаи, воден од начелото на најдобар интерес на малолетното лице. Стручните работници ги преземале сите дејствија согласно нивните законски овластувања и надлежности. Случајот е пријавен во полиција и поднесена е соодветна кривична пријава.
Сакаме уште еднаш да ја потсетиме техничката министерка на новиот Закон за социјална заштита и да ја упатиме да ги прочита членовите за услугата интервентно сместување со која се обезбедува заштита во кризна состојба, а најдолго до 30 дена и услугата за привремен престој која обезбедува заштита и стручна помош на лица кои се наоѓаат во кризна состојба во времетраење до три месеци, со можност за продолжување уште за три месеци.
Ја прашуваме техничката министерка дали партиските поени вредат толку за да си дозволи да открива податоци за дете во ризик? И со тоа дополнително да го загрозува. Апелираме до техничката министерка да се воздржи од натамошни активности со кои се виктимизираат децата во ризик и да го почитува начелото на доверливост од Законот за социјална заштита, преку кое на корисникот му се обезбедува доверливост на сите приватни податоци од документацијата која се обработува за потребите на известување, односно евиденција, вклучително и оние кои се однесуваат на неговата личност, однесување, семејна животна ситуација и начин на користење на правата и услугите на социјална заштита.
Случајот претставува грубо кршење на Конвенцијата за правата на децата како и на Истанбулската конвенција за превенција и борба против насилство врз жената и семејно насилство“, истакна Шкријељ.