Денес, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, се потпиша Договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце. Договорот, во присуство на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во улога на координатор на Владата за проектот Скопје – Блаце, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, го потпишаа директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов и генералниот директор на А.Д. Гранит, Зоран Милковски.

„Регионалното поврзување е од особено значење за економскиот развој на државата и нејзино интегрирање во Регионот. Од тие причини силно сме фокусирани на развој на патната мрежа со која ќе обезбедиме поврзување со земјите од регионот заради побрз и полесен транспорт на стока и услуги“, истакна министерот Сугарески, посочувајќи дека Владата и Министерството за транспорт и врски интензивно работат на поврзување на земјата со сите соседи.

„Косово е наш значаен трговски партнер, минатата година бележиме зголемување од над триесетина проценти во вкупната трговија, така да изградбата на автопатската делница ќе даде дополнителен инпут во зголемување на трговските релации во иднина“, посочи Сугарески.