Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното “Отворено студио” на 24 телевизија изјави дека во следниот мандат еден од приоритетите на владата ќе биде рационализација на јавната администрација и кратење на сите непродуктивни трошоци.

“Мислам дека сме прва политичка опција што ветивме 20% намалување на администрацијата во следните четири години. Тоа е наше јавно изборно ветување. Тоа не значи дека луѓето ќе останат без работа. Тоа значи комплетна рационализација на јавната администрација во соработка со приватниот сектор. Тие ќе добијат еден поголем базен на квалификувана работна сила од којашто фирмите ќе бираат. Тие што ќе ја напуштат јавната администрација, тоа се профили коишто се суфицитни, ние видовме дека во корона-кризата јавната администрација функционираше со 18%. Ќе дадеме отпремнина, од 6 до 12 месеци бруто износ на плати само да склучат договор во приватниот сектор на трајна основа, по избор на приватниот сектор и секако по избор на работникот. Во едни вакви околности, со тие заштедени пари можеме да го следиме растот на платите во приватниот сектор со јавниот сектор. Никако јавниот да брза пред приватниот, затоа што така нема да успееме во рационализацијата на јавната администрација.

Платите во јавниот сектор сепак ќе растат во конкретни дејности коишто сакаме да ги задржиме, како на пример здравството. Но, имаме дури и одредени ресори кои ќе ги укинеме. На пример, ќе ги укинеме сите седум министри без ресори. Тоа се министерства кои немаат ресурси, кои имаат кабинет од 2-3 луѓе, ги броиме како министерски плати, а нема потреба за тоа. Тие се седум ресори кои ќе бидат интегрирани во постојните агенции, директорати и служби и на тој начин ќе се намалат непродуктивните трошења” – изјави Заев.