Се сместуваат лица во карантин или се бара самоизолација затоа што тоа мора да биде така. За тие што не знаат, со едно пребарување на зборот „карантин“ ќе им биде јасно дека е тоа изолација на болни или потенцијални преносители на заразни болести. Низ целиот свет, коронавирусот принудува милиони луѓе на изолација, напиша на Фејсбук Марина Тунева.

„Арно ама, има луѓе коишто свесно избираат да се неписмени, а најлоша е онаа неписменост што ги загрозува и другите. На таквите не им помагаат и најпрецизните инструкции. Неписменоста и неодговорноста предизвикува потешкотии за многумина, неволја за други, а опасност за сите.

Почнаа веќе да се пријавуваат и инциденти од местата каде што се сместени лица во државен карантин. Од бунт што не се сместени во подобри хотели, преку кршење инвентар и вознемирување на другите, до барања да не бидат под клуч, да се шетаат наоколу или да се дружат меѓу себе, небаре се на излет или одмор. Со тоа стануваат проблем не само за себе, туку и за сите.

Никако да разберат дека кризата е време кога се носат тешки или важни одлуки кои сите ние мора да ги почитуваме. Ама луѓето честопати се строги во казнување на оние маани на кои и самите се склони.

Да владееш со себе е најголемата моќ. Се смее оној кој утре ќе плаче“, истакна Тунева.