Православните христијани денеска го празнуваат Светиот цар Константин и неговата мајка Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот влател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин.

Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол.

Свети Константин го свика и Првиот вселенски собор во 325 година, на кој црквата ја осуди ереста на Ариј. Изгради многу величествени цркви, посебно во Ерусалим. Пред смртта се крсти, а по смртта црквата го приброи овој цар меѓу своите светила, заедно со неговата мајка Елена.

Марко Цепенков забележал дека во Прилеп св. Константин и Елена биле покровители на базриѓанскиот (трговскиот) еснаф. Нивниот празник кој го викале „Свети цареи“ го празнувале на 21 мај (стар стил).

Под манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита, но најмногу на празникот Св. Константин и Елена.

Според едно предание Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, и пораснала убава и густа коса.

-Оттогаш на празникот на свети Елена и Константин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот Свети Наум. Таа вода е лекојта и друг пат, ама на празникот најмногу, заклучува народниот раскажувач.