БЕЛА ЛАГА, ЦРНА ПРОПАГАНДА
На локален – скопски интернет портал прочитав „СДСМ со години не ги покачи пензиите, пензионерите се оштетени со години. ВМРО-ДПМНЕ ги покачуваше пензиите и по 500 денари секоја година.“
Прво, без скрупулозна лага е дека СДСМ од доаѓањето на власт не ги покачи пензиите. Секоја година имавме најмалку по две покачувања. Некои од нив беа значителни и пензионерите беа задоволни. Некои од нив (по почетокот на пандемијата) беа скромни, а пензионерите, се разбира беа незадоволни, што е нормална – природна реакција на човекот кога очекува да добие повеќе, а добива помалку. Многу од нив, не сфаќајќи ги тешкотиите со кои се соочуваше Владата во услови на пандемија, се лутеа за таквите покачувања. Просечното годишно покачување, судејќи по пензиите на повеќе мои блиски роднини и другари, со скромни или добри пензии, беше поголремо од 500 денари – износ со кој се фали ВМРО-то.
Сега да одиме на она што најмногу боде очи во кажаното на некој/а од војводите/ војвотките на ВМРО-то. „СДСМ со години не ги покачи пензиите.“ Гледано од психо – лингвистички аспект изразот „со години,“ на кажаното му дава застрашувачко значење. Човек што не ги познава приликите во Републикава ќе помисли дека СДСМ и коалицијата биле на власт многу години и за тоа време ни еднаш не им ги покачиле пензиите на пензионерите.
Сите ние, граѓаните на Републикава знаеме дека СДСМ конечно дојде на власт по бројни опструкции од страна на собранискиот спикер од редовите на ВМРО да ја закаже првата седница на новоизбраниот собраниски состав кои завршија со крвавиот четврток (27 април 2017 година) кога огромна толпа острастени ВМРО-вци, организирана и поттикнувана од ВМРО-вските војводи, во просториите на Собранието, волчешки крволочно се нафрли врз нашите деца, роднини, другари и пријатели чија „вина“ беше единствено во тоа што, согласно со Уставот на Републикава, избраа Албанец за претседател на Собранието. Потоа уследија без скрупулозни опструкции во постапката за давање на мандат за состав на Владата на мандатарот од редовите на СДСМ од страна на тогашниот претседател на Републиката и верен слуга на ДПМНЕ-то. Така, СДСМ фактички дојде на власт во јуни 2017 година.
Значи СДСМ и коалиционите партнери не се на власт „со години“ туку 4,5 години од кои барем една е потрошена на избори и предизборни кампањи (две за локални избори и по една за претседателки и парламентарни и плус една за референдумско изјаснување на нас граѓаните во врска со Спогодбата со Република Грција). Поинаку кажано,
СДСМ не е на власт многу години како што во македонскиот јазик звучи и се сфаќа изразот „со години“ туку, формално правно, четири и пол години од кои фактички, во работа, се поминати 3,5 години а од нив две во тешки услови на пандемија на ковид 19. Тврдењето на ВМРО-то дека Владата на СДСМ со години не ги покачила пензиите е екстремно проѕирна – бела лага за „потперување“ на мозоците на граѓаните со без скрупулозна црна пропаганда со која ВМРО редовно се служи за оцрнување на работата на власта на СДСМ и коалиционите партнери.

ФБ статус на Темелко Ристески