Никола Груевски падна од власт заради стотиците објавени автентични разговори во кои неговото владеење се демаскира како комплетно заробување на државата за политичките и материјалните интереси на врхушката на власт што тој ја предводеше. Тие разговори, покрај познатиот политички епилог, добија и добиваат судски завршници со кои се потврдуваат обвиненијата на СЈО, иако за правосилните судски пресуди во повеќе од предметите ќе причекаме уште некоја година.

Сега, пак, истиот тој Груевски со методот на „жолтите комбиња“ – за кои самиот апсеше – се обидува „од дистанца“ да ги дискредитира сведоците и соучесниците низ кривичните процеси против него, за да „докаже“ дека само тој е невин: ги снима сите со кои од Будимпешта телефонски разговара (е, таа „библиотека“ би било драгоцено да се добие), а веројатно го снимаат и тие него, па, според моментната потреба, „протекуваат“ снимки по интернет, ама сега тие не се „сечени, лепени, монтирани“, туку строго веродостојни и се нудат како валидни судски докази за морално-политичко и правно „оцрнување“ на опонентите, за потребите на одбраната.

А, од ланскиот февруари (кога, наводно, се одвивале двата тукушто објавени разговори меѓу Камчев и Груевски), до овој април, низ матен Вардар има протечено вода колку за цела една кривично-правна „енергетска“ сезона! Којзнае уште колку снимки би можеле да се извадат со вербални пресврти што ќе „потврдат“ какви сакате тврдења. Кој вели дека содржините на тие снимки не се однапред договарани, координирани, аранжирани и режирани? Можеби се снимани во четвртокот, лепени и сечени во петокот, за да се пуштат во сабота… Некако, дијалогот многу таксативно оди по точките од обвинувањата, а и по исказите на сите кои сведочеа, а биле долгогодишни, најблиски имотно-правни соработници на Грујо.

Целата колумна на Сашо Ордансоки за Цивил медиа на следниот ЛИНК.