Како и да броиме, ете толку избори имавме откако ВМРО-ДПМНЕ ја доби власта во јули 2006 до декември 2016 година (тоа се оние избoри по кои со месеци не дозволуваа да се формира нова влада). За десет и пол години, 8 избори, од кои 4 беа предвремени парламентарни. „Бомбите“ покажаа и какви биле.

На барање на ВМРО-ДПМНЕ, предвремени парламентарни избори имавме и во јули 2020 година, средe светска пандемија.

2022 – повторно. ВМРО-ДПМНЕ пак бара предвремени избори. Нема разделба со старите навики. Нема, иако се колнат во „Промени“. А што се промени? Ништо, освен што Груевски (уште) физички не е тука.

Се согласувам дека е нормално опозиција да бара предвремени избори. Дури е и ненормално да не ги бара. Но, не гледам ништо ново-нормално кај ВМРО-ДПМНЕ. И не само јас.

Затоа преку оваа колумна ќе ги споделам најчестите прашања, во скратена форма и без коментарите, на добар дел од граѓаните со кои деновиве се среќавам.

ЧЕТИРИ ПРАШАЊА ЗА ВМРО-ПАК ИЗБОРИ-ДПМНЕ:

Дали ќе го уништи вирусот?

Дали ќе ја реши војната во Украина?

Дали ќе ја реши светската економска криза?

Дали ќе ја реши светската енергетска криза?

Две прашања до Мицкоски:

Дали ќе го врати Груевски и „неговите“ пари?

Дали ќе ги почитува судските пресуди за затвор на неговиот поранешен лидер?

Тоа беа прашањата. Сега за неколку факти.

И среќата има рок на траење. За ВМРО-ДПМНЕ заврши со упадот во Собранието. Од тој ден, па до денеска, како да не е излезено од таа „патриотска блокада“. Толку замаскирани, како што беа на тој 27 април, не беа ниту за време на смртоносниот пик на короната. Впрочем, нивните маските одамна паднаа. Не беше дека немаа страв, туку немаа лице на кое ќе стават маска кога дојде време во кое беше и пожелно и законски таа да се носи.

Сите учиме од лекциите што ќе ни ги намени животот. Затоа нема реприза за „Гласот на светлината“ и на оној „независен“ декор од комбинација на „застава 101“ или „југо 45“ и знамето од Вергина. Нема веќе наивна публика за тој „невин“ перформанс. Зашто токму ВМРО-ДПМНЕ како власт не остави ниту невин кај себе, ниту наивен околу себе.

АМАН, ДАЈТЕ ЦЕНА, ЦЕНА???

Избори, избори, избори, кога избори, дајте избори…

Тоа толку многу наликува на оние коментари на социјалните мрежи под некоја реклама, на која најчесто до производот е напишана и цената.

„Цена, цена, ве молам, аман цена, дајте цена, цена ????“

Ова стана еден вид култура за потсмев на социјалните мрежи, токму поради доминантно несериозниот пристап.

Така е тоа. Кога не се гледа целата слика, не се гледа ни цената. Исто е и со нашата реалност. А во неа, некои случувања сè повеќе наликуваат на долгопланиран јеленкез со арам кеш.

П.С. Во мојата претходна колумна ја цитирав уникатната Мира Фурлан, линчувана од инженерите на национализмот и консументите на популизмот: „Со заборав не се лекуваат раните, треба да памтиме и да не забораваме зашто тоа е одговорен начин на живот. Тоа не беше наивно, а владееше општ молк“.

Кај нас, општиот молк заврши. „Тишинарите“ сега се едни од најгласните. Интересно, толкава врева за да се врати молкот?!

П.П.С. Јеленкез е унгарски збор од еден нивен цртан филм за семејството Гиза. Бил актуелен во 1980-тите. Но, ќе се најде некој да ги оживее спомените.

Колумна на Сања Лукаревска