Бунтот околу интервенцијата во Скопската чаршија е разбирлив. Но треба да се знае дека сегашниов „автентичен изглед“ не е вековно стар, туку тоа е изгледот којшто Чаршијата го доби на крајот од 1970-тите
Повозрасните читатели, оние кои своето средно образование го стекнаа во СФРЈ, можеби се сеќаваат на обработката на литературниот опус на писателот Бора Станковиќ (најоригиналниот талент во српската книжевност на преминот од 19. во 20. век), за неговата „Коштана“ и многуте раскази. Станковиќ, роден во Врање, целиот возрасен живот го помина во Белград. Неговото творештво е натопено со враќање кон корените, кон она старо, загубено Врање. Она што никогаш нема да се врати, а од кое и самиот тој замина.
„Старото, дајте ми го старото! Ова што мириса на сув босилек и што сега така слатко паѓа. Паѓа и грее, го грее срцето“.
Овие зборови од расказот „Стари денови“ станаа амблематични за цели генерации скопски средношколци во 1970-тите. Во тие времиња тоа на некој начин значеше ретроспекција кон стариот живот, во кој ја немаше потрошувачката треска што го беше зафатила општеството. Тоа на некој начин значеше почитување на средината (а и сиромаштијата), на загубените обичаи, на некои вредности со кои средношколците имаа малку допир. А од друга страна, истите тие средношколци во пост-Битлси времето, во опседнатоста со „Дорс“, „Лед цепелин“, „Пинк флојд“, Дејвид Боуви контрапунктно се трудеа да ги отфрлат тие загубени вредности на градот и да влетаат во панк и пост-панк револуцијата со отворени гради. Требаше да се влезе во новото време со инспирацијата на „Азра“, „Шарло акробата“, „Електрични орагазам“ – со „Пакет аранжманот“ за иднината.
Потрагата по новото во тоа време се одвиваше и во античките улички на Старата чаршија (или како што сите ја викаа – Турска чаршија). Дали бил Безистен, Капан ан или Куршумли ан – сеедно. Инспирацијата за новото беше во амбиентот како целина, а не во деталите. Сега, на пример, никој не би помислил дека би можел да отиде на чорба во преноќиштето „Шар“ (од тоа време), кое и тогаш беше пропаднато и супстандардно, но во извесен миг, во една секунда, може да стане инспирација.
Би било премногу претенциозно да се тврди дека денес Чаршијата не е инспирација за многу уметници (било да се поети, сликари или музичари), но расправата што се води околу поставувањето на новите травертински блокови на улицата „Битпазарска“, која од поранешната стоковна куќа „Илинден“ води право до Бит пазар, во голема мерка е надвор од супстанцата која е потребна и повеќе се сведува на врева во која има и точни тврдења и многу неточни.
Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче Веле на следниот ЛИНК