Нема барање за одложување на изборите, туку вирусот просто ви нареди. Толку!
Вирусот и никој друг, ниту една од партиите.
Да побаравте пред три дена ќе беше можеби дека сте имале вие како политичари некое влијание врз процесот. Вака денеска вие само го констатиравте тоа што е и повеќе од јасно и не знам зошто воопшто беше тема освен за уметнички впечаток.

Е сега, кога изборите денеска и во следните недели, можеби и месеци, никако нема да не’ интересираат, еднакво како и инфантилните партиски препукувања, може да не’ оставите на раат да ги следиме институциите?

За прв пат после којзнае колку време добиваме чувство дека овде имало остатоци од систем – Македонија да не ти била мртва.
Системот, кревок каков што е, ставен е сосема во погон и знаете што – го прави токму тоа што треба: влева доверба.
Гледаме разлики меѓу китењата со политички пердуви и улогата на “слуга на граѓаните”. Меѓу вистинско барање на решенија и политизирање.

Белким вака ќе пораснеме, ќе ни се прошират видиците, па ќе успееме да ја “зачистиме” и конечно да го тргнеме правот и од одамна извалканата линија – меѓу партијата и државата.
Па да сфатиме што од нив е што, кон кого лојалноста е важна и од кого треба да очекуваме одговори и да биде фокус на нашето внимание и критика.

П.С: Колку прекрасно време е ова за и самите партии да стивнат и да размислат дека ќе мора да трпат коренити промени.
Се разбира, тие кои ќе умеат да пораснат, да сменат и наратив и начин на поимање на политиката – за останатите шансите да преживеат, подоцна или порано, ќе бидат помали од оние што коронавирус ги дава…

ФБ статус на Катарина Синадиновска